Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски на денешната прес конференција најави темелна реконструкција на клонот на детската градинка „Мајски Цвет“ која се наоѓа во населбата Тафталиџе 2. Станува збор за предучилишна установа, чиј објект е дрвена градба (барака), кој датира од седумдесеттите години од минатиот век.
– Нашата земја, во поранешна СФР Југославија имаше највисок стандард на детска заштита од сите републики и покраини. Ние имавме такво задоволство да наследиме убави градинки, но, исто така, наша обврска е тие објекти да ги разубавиме односно да ги реконструираме. Еден од тие објекти е оваа градинка „Мајски Цвет” во Тафталиџе 2. Оваа барака во која ги згрижуваме малите карпошани планираме да ја урнеме и на нејзино место да изградиме комплетно нов модерен објект, истакна лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.
Тој образложи дека целокупната инвестиција ќе чини 10.615.000 денари и веќе на тендер има избрано изведувач, со кој е потпишан договор, банкарска гаранција и рок на изведба на градинката е 120 дена.
– Општина Карпош има десет градинки од кои седум се целосно реконструирани, што значи дека ни остануваат уште три за реновирање. Со тоа, овде ќе изградиме една прекрасна градинка која претставува извонредно архитектонско решение. Претшколската установа ќе биде функционална, енергетски ефикасна и секако многу поквалитетна за сместување на најмладите жители од општината. Изведувач на градежните работи е фирмата „Инженеринг Груп“, а стручниот надзор е на фирмата „Урбан Стил“, појасни Јакимовски.
Тој посочи дека со оваа градежна интервенција ќе биде целосно реновирана осмата градинка на територија на локалната самоуправа, со што остануваат уште две предучилишни установи, тие се „Мајски Цвет” во Тафталиџе 1 и „Мајски Цвет” во урбаната заедница Владо Тасевски.
При посетата беа донирани на градинката околу 200 сликовници, боенки и дидактички материјал.