Епитаф за македонската демократија

Од:

Новата година вообичаено е период кога сите наши мисли се насочени кон убави нешта. Меѓусебно си посакуваме здравје, среќа, бериќет и љубов, се обидуваме да заборавиме на лошите мигови, а убавите се обидуваме да ги зачуваме во нашата меморија. За жал, овој празничен период е различен по многу нешта.

Пред сé, по убиството на македонската демократија и девалвацијата на македонските институции. Жално, но повеќе од вистинито. На 24.12.2012, Македонија доби свој “црн понеделник”, а во нашата држава се официјализираше диктатурата! Но да почнеме со ред…

Многу нешта заслужуваат да бидат споменати. Сплет од настани, трагичари и херои. Сепак, како лик кому правната држава и владеењето на правото му се професионална определба, а македонскиот Устав светост, најмногу би сакал да се осврнам на суспензијата на Уставот и останатите правни акти, кои барем нормативно нé прават различни од оние држави кои одамна се оквалификувани како недемократски режими.

Македонија во понеделникот доби свои нови антихерои. Личности кои влегоа во црните анали на македонската политичка историја. Никола, Трајко, Гордана и Зоран, во понеделникот, официјално, ја урнисаа македонската демократија.

Почитуван Никола: Зарем 204 милиони евра чини прекршувањето на членот 16 од македонскиот Устав? Зарем толку малку чини слободата на говорот, слободниот пристап кон информациите и нивното слободно пренесување? И по кого удри? По оние кои во 2006 и 2008 ја известија целокупната македонска јавност дека твојата партија победила на парламентарните избори. Оние кои гордо известуваа за сите наши државни, политички и спортски успеси. Луѓе чија професија изискува? бројни професинални, семејни и лични жртви. Ги исфрли како партали луѓето кои често знаеја и да молчат додека ти бескрупулозно ги газеше нивните чест и достоинство. Луѓето кои и покрај сé седнаа на маса да се договараат и преговараат со тебе и со твоите соработници.

Но, тоа беше само увертира за мрачното сценарио кое следуваше. Тогаш стапија на сцена твоите “горди послушници”, Трајко и Гордана. Луѓе за кои членот 64 од Уставот е очигледно само мртво слово на хартија. Пратенички имунитет?! Сигурно се мачка на леб…мудро заклучија овие двајца и најбезобразно наредија нивните колеги како кучиња да бидат влечени по собранискиот под, грубо да бидат исфрлени од пленарната сала како вреќи полни песок на градилиште од Скопје 2014. Соминителните ликови без ознаки за собраниско обезбедување на нивните ревери не штедеа никого и ништо. За нив не беше важно дали се туркаат и газат жени или мажи.

Се осмелија физички да нападнат и пратеничка во блажена состојба, полни со гнев и одмазднички сјај во очите. Еее, црни Трајко, во понеделникот грубо плукна по својата втора по хиерархија функција во државата. Наместо да го штитиш собранискиот Деловник, го искина, како што оние гологлави горили ги кинеа облеките на пратениците кои претставуваат 370.000 илјади граѓани на Република Македонија. А Гордана задоволно ликуваше од страна, како вистинска жена… демохристијанка.

Министерот за задолжување, пак, очигледно никогаш во животот не прелистал собраниски Деловник. Никаде не прочитал дека извештај од собраниска комисија треба да биде потпишан од страна на претседателот на Комисијата. Заедно со партискиот колега Трајко, се договорија да испратат до Владата фалскификуван извештај. Но, кого во жолтата куќа го интересира тоа? Сé што е свето во тој објект се странските кредити и волјата на шефот, за сé друго постои собраниското обезбедување.

Посебно ме разочара фактот што човек кој работел во меѓународни институции, така ладнокрвно сигнализираше со раката побрзо да бидат отстранети пратениците од опозицијата. Сé во духот на кумството…и парите, се разбира. Но толку беше…претеравте! Дотука бидува! Ја поминавте црвената линија! На следните избори народот ќе ви ја испорача сметката, надградена и проширена!

За среќа, во понеделникот Македонија доби нови херои! Луѓе кои знаат како се бранат Уставот, законите и Деловникот. Луѓе кои решија до крај, истрајно, да се борат за интересите на оние кои ги претставуваат. Ниту еден свесен граѓанин на Македонија нема никогаш да го заборави тоа што го направија Маринела, Весна, Радмила, Тања, Билјана и сите нивни колешки. Никогаш нема да бидат заборавени ниту Игор, Јани, Горан, Голуб, Стојко и сите нивни колеги кои најдругарски се грижеа за безбедноста на своите колешки.

Е, токму затоа, минатиот понеделник немаше време и простор за споделување ставови со вас. Тоа беше ден кога требаше да се биде на браникот на демократијата. Ден кога требаше да им се пружи поддршка на оние кои ја ризикуваа својата безбедност за нашата иднина, за нашата благосостојба, за нашата слобода!

Токму затоа, сите ние кои сме свесни и совесни, сите ние кои си ја сакаме Македонија гордо исправена и слободна, во деновите кои следат треба да се симнеме на барикадите. Сите ние имаме обврска, во ритамот на „Мила знај” да се избориме за слободна Македонија! За нас, за нашите најблиски. За државата се работи!

p.s. Збогум стара нова 1949-та! Ви посакувам среќна, успешна, бериќетна и СЛОБОДНА 2013!

Иван Стефановски

Авторот е магистар по Уставно право

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска