Македонскиот шампион Вардар го претрпе и вториот пораз во групната фаза во фудбалската Лига Европа. Вардарци на гостувањето во Трондхајм, загубија од Розенборг со 3-1 во натпревар од второто коло на Л групата.
Вардар немаше среќа на стартот на натпреварот, бидејќи стативата беше сојузник на домаќинот. Уште во 3-минута црвено-црните можеа да постигнат гол, но ударот на Дејан Блажевски од 30-тина метри заврши во стативата на голот на домашниот голман.
Домаќините тоа го казнија во 25-минута, од пенал преку Никлас Бентнер, кој претходно беше фаулиран од младиот Муслиу.
По девет минути игра во вториот дел (56) домаќините зголемија на 2-0, преку Конрадсен, кој погоди со одличен удар од далечина.
Домашните навивачи не чекаа многу на трета радост бидејќи во 66-минута Хеденштад зголеми на 3-0, по асистенцијата на Бендтнер.
Првиот гол на Вардар во групната фаза на Лига Европа го постигна Хуан Фелипе во судиското надополнение (90+1).
Во вториот меч од оваа група одигран во Санкт Петербург, екипата на Зенит го победи Реал Сосиедад со 3-1. Стрелци на головите за рускиот тим беа Емилијано Риџони (5-минута) и Александр Кокорин кој постигна два (24 и 60). Голот за шпанската екипа го постигна Диего Љоренте (41).
Во следната трета рунда која на програмата е на 19 октомври, Вардар го пречекува Реал Сосиедад, а Зенит е домаќин на Розенборг.
На табелата лидер со максимални 6 бодови е Зенит, пред Сосиедад и Розенборг кои имаат по 3, додека македонскиот шампион Вардар се уште нема освоено бод во групната фаза.