Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска во Охрид одржа средба со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан и претседателот на Словенечката СДП, Јанез Јанша, а по средбата на прес-конференција рече дека оваа година на иницијатива на Орбан била започната соработка на десните партии и на центра десните партии од ЕПП во правец на давање дополнителен импулс на процесот на проширување на ЕУ.
Груевски кажа дека веќе имало една средба во Будимпешта пред неколку месеци, а и денешната средба била во тој дух.
– Разговаравме за перспективите за членство во Европската Унија, но исто така разговаравме и за размена на информации за состојбите во различни држави во Европската Унија, изборните резултати во некои држави, предизвиците што доаѓаат во иднина. Тоа беше едниот дел од нашата дискусија. Вториот дел од нашата дискусија беше мое информирање за состојбата во Република Македонија и во пресрет на изборите и општо земено. Во однос на тоа ги информирав дека веќе сме во ек на изборната кампања за локалните избори, на кои што се очекува силна победа на ВМРО-ДПМНЕ, во најголемиот дел на општините низ Македонија, каде што очекуваме во најголем дел од овие општина да победат нашите градоначалници и ВМРО-ДПМНЕ да излезе како победник од овие локални избори, рече Груевски.
Тој додаде дека ги информирал за атмосферата во која се одвиваат овие избори и дека таа е лоша и непријатна, бидејќи, како што кажа, веќе бил четвртиот дел, а зад нас има бројни инциденти, нерегуларности, злоупотреби, а вчера и пукање и ранети луѓе.
– Покрај тоа информирав и за злоупотребите што се прават од страна на владејачката гарнитура во правец на секојдневно пуштање на кривични пријави на нашите кандидати за градоначалници, со цел да го нарушат нивниот имиџ, пракса која што ја започнаа еден ден откако ја објавивме листата на кандидати за градоначалници. Од тој ден па наваму, без малку секој ден има по една кривична пријава за некои од нашите градоначалници, што укажува на неколку работи. Прво укажува дека нашите опоненти се свесни дека ќе ги изгубат овие избори. Второ дека се многу исплашени заради сетоа тоа, и трето дека во паника спасот го бараат во неколку нефер средства и преку нерегуларни средства. Тоа прави една лоша атмосфера во земјата и тоа не е добро во однос на создавање на една фер атмосфера за фер и демократски избори, кажа Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека и покрај тоа е убеден дека мнозинството од граѓаните довербата ќе ја даде на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи имале подобри и покомпетентни кандидати за градоначалници.
– Во овие четири месеци граѓаните во Македонија се уверија и ја видоа разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и нашата Коалиција и владеењето на Социјалдемоктратскиот Сојуз и нивната коалиција. Видоа како ја злоупотребуваат власта како не ги исполнуваат ветувањата што ги дадоа пред луѓето, како идат директно спротивно на волјата на граѓаните и како ја уриваат економијата во земјата преку различни начини а еден од начините е искажувањето на непожелност на странските инвеститори во Република Македонија. Сите економски показатели во последните четири месеци се исклучително лоши. И тие се само огледало на она што се случува во економијата односно на третманот на економијата од страна на новата влада односно нејзиниот однос кон економските субјекти особено странските инвеститори., смета Груевски.
Според него постојат уште причини во кои што граѓаните ја воочиле разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и, како што рече, видоа дека навистина кога станува збор за ВМРО, секогаш станува збор за партија којашто секогаш е посветена на многу работа и секогаш е посветена на националните и државните интереси на Република Македонија.
– Оттука дојде и нашиот слоган Секогаш работа, Секогаш Македонија кој што соодвествува со она што ВМРО-ДПМНЕ го презентира во изминатата декада и таа разлика е се повидлива и убеден сум дека јас и мнозинството граѓани што ги среќавам дека не само што ќе има победа таа ќе биде силна и многу јасна. Благодарност до господинот Орбан и до господинот Јанша што денеска одвоија дел од своето време да дојдат во Охрид да поразговараме на овие теми. Да поразговараме на темите што ги интересираат нашите политички партии како членки на ЕПП, да поразговараме за прашањата внатре во ЕПП, да разговараме за прашањата поврзани со десните партии низ Европа но исто така да разговараме и за состојбите и перспективите во Република Македонија, рече Груевски.
Тој додаде дека ги информирал и за притисокот со кој се соочени медиумите во Македонија, судиите во судовите, администрацијата и странските инвеститори.
– Јас сум убеден дека ова помрачување, дека ова помрачување што се случи во Македонија по локалните избори ќе почне да заминува а ќе заврши конечно со предвремени парламентарни избори на кои што на власт ќе се врати ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија. Стратешката ориентација на ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе биде кон членство во НАТО и кон Европската Унија за што сметаме на поддршка на сите наши партнери, членки на НАТО и ЕУ, а посебно на државите од каде што се стигнати денешните гости. До сега во изминатите дванаесет години ВМРО-ДПМНЕ имаше десет изборни победи и ниту еден пораз. Јас сум убеден дека оваа година ќе ја одбележиме, односно наредниот месец ќе ја одбележиме единаесетата изборна победа, вклучувајќи ги заедно сите, парламентарни, претседателки локални избори, рече Груевски.