Каре Ингебритсен, тренерот на Розенборг најавува офанзивна игра во дуелот против македонскиот првак Вардар и атак на трите бода, победа, во мечот од 2.коло на Л групата во Лига Европа.
Ингебритсен сепак потенцира дека ќе биде тешко против Вардар кој е добра екипа и дека црвено-црните се на исто ниво како и неговиот тим.
„Тие ги победија Малме и Фенербахче, па тоа значи дека без сомнение не очекува тежок меч. Но, ние одиме офанзивно за да победиме“, истакна Ингебритсен на стандардната прес-конференција.
Капитенот на тимот, Мике Јансен најави голема борба и постојано офанзивна игра, за разлика од првиот меч во кој норвешкиот тим загуби на гостувањето во Шпанија од Реал Сосиедад со 4-0.
„Ние сме подготвени за борба, а во памет ни е само да нападнеме. Одиме во напад и веројатно е дека ќе биде сега поразлично во однос на дуелот со Реал Сосиедад“, нагласи Јансен.
Искусниот Никлас Бендтнер кој ќе биде најголема опасност за македонскиот првак, сигурно ќе игра, иако имаше повреда по мечот против Лилестром во кој постигна гол, најави тренерот Каре Ингебритсен.
Вардарци пак попладнево пристигнаа во Трондхајм, а пред единствениот тренинг на „Леркендал“ стадионот шефот на стручниот штаб Чедомир Јаневски и еден играч на екипата, ќе ги искажат очекувањата од утрешниот натпревар.
Дуелот од 2.коло во Лига Европа меѓу Розенборг и Вардар ќе се игра утревечер во терминот од 19 часот.