СРАМ НИ Е ДА ВИ КАЖЕМЕ НО СРАМ НЕ СРАМ ЌЕ ВИ КАЖЕМЕ
(наместо политичари, уличари сме воспитувале)
Препорака: текстов се чита до крај потоа се носи заклучок
Ова е отворено писмо од Владо Димовски-Професор и Зоран Биковски-социолог – граѓански активисти до граѓаните на Р.Македонија, инспирирано од последните глупости во државата Скопје.
Еве што пишуваат:
За писмово почнавме да размислуваме пред два дена (кога се освестивме што видовме, не можевме да поверуваме дека ова кај нас може да се случи) гледајќи што се се случува во центарот на државата Скопје, па застанавме. Се помисливме малку ајде да не е инспирирано од моменталната грдо- глупа ситуација што ја гледавме.
Тогаш Владо на својот профил на ФБ напиша само краток коментар и порака за преовладување на разумот ама погреши, разум немало.Пишман беше што повика на разум мислеше има ама ете ич немало. Да кренеш рака на сопствениот народ не е разум , да повикаш народ за да биде тепан ич не е разум, тоа е будалаштина. Со задоволство го читавме емотивното писмо на Словенечкиот полицаец кој за ништо на светов несакаше да крене рака на својот народ.
За што ли кренаа рака нашиве надри полицајци во маскирни и цивилни одела? Кренаа рака на новинарите, кренаа рака на цивилите,кренаа рака на самите себе. Колкав бес видовме во погледот, клоците и пендреците на дел од полицајците на улицата, галеријата и собраниската сала, дури и Чак Норис би се уплашил. Потоа во себе прокоментиравме овие луѓе сигурно дома јадат ќотек ко магариња и магарици па сега целиот бес го истурија врз цивилите чекајќи згодна прилика.
Никој ли од нив не помисли дека тоа може да им се врати. Среќа голема што преовладеа разумот кај новинарите на галеријата. А што ако некому му пукнеше филмот и се спротивставеше на силата со сила. Жртвите ќе беа неизбежни. Сигурно долу во салата на Собраниските фотељи ќе се разлееше нечија крв. Секоја ви чест наши чувари на редот, алал да ви е. Ја оцрнивте професијата на сите добронамерни, на сите интелектуални, на сите чесни полицајци ваши колеги и колешки кои со љубов го чуваат јавниот ред, мир и спокој на своите граѓани.
Демократијата ниту се бара ниту се добива на улица но не се чува ни со ќотек.
Заради фрустрациите на двајца луѓе ќе страдаат два милиони-ако толку не има кој знае.
Е сега е доста за будалаштините. Несакаме повеќе да го заморуваме нашиот интелектуален мозок со слепите мозоци.
Знаеме дека многумина по читањето на овој текст некои ќе не наречат комуњари некои ВМРО-вци, но ако, тоа сме и едното и другото но пред се сме Македонци кои не прерипуваат барикади ниту некои кои покажуваат гениталии и среден прст туку размислуваме со своја глава и го употребуваме својот мозок а не мозокот на некои си лидери.
Сега сакаме да им се извиниме на граѓаните на Македонија. Никогаш не сме ја сакале улицата не бевме и никогаш нема да бидеме учесници во вакви глупости, не сме биле и несакаме да бидеме ни од едната ни од другата страна, а од дрга страна пак сме биле и со едните и со другите (професионално не партиски) и токму затоа чувствуваме мала доза на вина за она што сме го направиле и за едните и за другите во едни минати времиња. За нашата вина која ја чувствуваме (а можеби нетреба оценете вие) ќе прочитате подолу во текстов.
Им должиме извинување и јавно им се извинуваме на сите граѓани на Република Македонија кои се интелектуално (не физички) повредени во овие денови било да се повредени од оние кои имаат силна желба да се остане на власт или од оние кои имаат силна желба да се вратат пак на власт.
Им се извинуваме заради тоа што голем дел од оние кои не вознемирија сите нас деновиве со изјавите или постапките, биле а веројатно и ќе бидат наши ученици на политички обуки било тоа да биле обуки за фер избори, било да беа тоа обуки како да се направи партија, било да беа тоа обуки како да се дојде на власт. Им се извинуваме на сите граѓани што сме создале или сме учествувале (тимски) во создавање на некои од политичките партии (не како членови на било која од нив туку како професионални обучувачи и интелектуалци) чии претставници ги видовме на едната и другата страна од барикадите.
На дел од нив сме им напишале прв Статут на партијата, првиот политички говор, првото сценарио за основање и да не редиме уште што не но ниеднаш не сме им напишале дека треба јавно да се тепаат за наше добро и да не тераат да се срамиме од нив. Е тоа не сме им го рекле ни скришум а камоли на обуки. Препознавме многу од нив, ги имаме во нашата писмена евиденција од обуките, на многу од нив сме им помогнале да основаат партија, на многу од нив сме им давале совети како да станат политичари но залудно не сме успеале или пак толку им сечело.
Нашите обуки за чесно служење на граѓаните ги поминале и на нив веруваме добро се сеќаваат голем дел од бившите, сегашните пратеници, министри, градоначалници, административци а голем дел и од денешните полицајци па дури и дел од оние кои тепаа на денот „Д„. Голем дел од нашите ученици, подоцна и пријатели денес се функционери, директори, универзитетски професори, чесни работници, инспектори, доктори, уметници и ред други чесни граѓани кои со своите интелектуални активности даваа и даваат голем придонес за развој на државата – со нив се гордееме.
Но како што вели народната дека во секое жито има и какол, каколот го видовме, го видовте и вие, е од каколот се срамиме. Гледајќи ги низ прилозите на медиумите се срамевме и се срамиме лично , се срамиме во име на нашите колеги и колешки со кои ги обучувавме, се срамиме во име на колегите од граѓанскиот сектор со кои на неброени семинари сме разговарале за фер избори, демократско владеење и чесно однесување на народните избраници и нивните бесни кучиња подржувачи. Е веќе не се срамиме само во иднина ќе бираме со кого ќе се дружиме за пак да не се срамиме.
За самиот крај на сите чесни граѓани на Република Македонија. Нека им е среќна, бериќетна, полна со здравје и љубов Новата 2013 година. На митингашите, протестантите и контра протестантите со порака да не ги повторуваат глупостите од оваа година која е на заминување. Среќно.
Владо Димовски-професор
Зоран Биковски-социолог
Граѓански активисти