Агенцијата за вработување денеска на прес-конференција ќе информира детално за примената на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата.
На прес-конференција ќе присуствуваат директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска и претседателката на здружението УНИТ, Лилјана Георгиевска.
Со законот за стечајните работници којшто неодамна го донесе Собранието на Република Македонија се овозможува околу 3.000 лица да добиваат месечен надомест од по 7.596 денари, односно 34 проценти од просечно исплатената месечна нето плата минатата година. Годишно за таа намена од Буџетот на АВРМ ќе бидат обезбедени 300.816.000 денари.
Надоместот може да го користат невработени на возраст од најмалку 52 години (жени) и 55 години (мажи) со најмалку 15 години стаж во претпријатија со доминантна сопственост на државата, а таму работниот однос да им престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 30 јуни годинава. Лицата треба да имаат остварено право на паричен надомест по 1 јануари 1995 година, а по остварувањето на правото на паричен надомест да не биле вработени на неопределено време, односно работниот однос да не им престанал по нивна волја и вина.