Над 500 ученици и граѓани на Скопје денеска во рамките на Европската недела на мобилност учествуваа на велосипедското дефилето по повод Меѓународниот „Ден без автомобили“ кои од Порта „Македонија“ возеа до Школка во Градскиот парк.
На дефилето, што е поддржано од Град Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање и ЕУ, присуствуваа заменик министерот за животна редина и просторно планирање Јани Макрадули, градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски евроамбасадорот Самуел Жбогар и амбасадорот на Холандија во Македонија Вилем Ваутер Пломп.
Заменик министерот Макрадули пред учесниците на дефилето порача дека треба да ги промениме навиките за здрава околина, односно да се возат велосипедите повеќе од еден ден во годината.
– Да го оставиме нашиот автомобил повеќе од еден ден во годината, да воведеме еден нов тип на транспорт во кој ќе го делиме сообраќајот. Јас ќе се обидам, а и ние сите заедно онаму каде што мора да има место за велосипеди тоа да го направиме. Се разбира кај нас треба да има и чувар што треба да ги чува заради некој други активности. Мораме администрацијата да ја засилиме со велосипеди место со автомобили. Оној што сака да вози електричен автомобил државата треба да му помогне, истакна Макрадули.
Граѓаните, рече тој, со право се загрижени за загадениот воздух и ги повика да бидат модерни патриоти и да користат велосипеди.
Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, на младите им порача дека тие можат да ја променат свеста кај граѓаните за повеќе да го користат велосипедот како превозно средство. Тоа, рече Трајановски, е еден од начините за зголемување на мобилноста на Градот Скопје.
На Школка покрај забавната програма, преку лотарија беа доделени 14 велосипеди како симбол на користење алтернативни превозни средства.