ВИДЕО: Евтиниот мед во маркетите содржи гликоза, предупредуваат пчеларите

Од:

Медот што се продава по маркетите за 240 денари содржи чиста гликоза и е штетен по здравјето, предупредуваат пчеларите. Воедно апелираат, граѓаните да купуваат природен мед од познати, домашни, сертифицирани производители, а не пакуван, од пазари, патишта и продавници.

Пчеларите кои се дел од манифестацијата „Денови на медот 2017“ во Скопје, бараат на декларациите на медот обврзно да стои кој е производител, а не само кој е пакувач, како сега.

Годинава ја оценуваат како исклучително лоша, пред се, поради пролетниот мраз, но нелојалната конкуренцијата, велат, и натаму останува нивен клучен проблем. Државата, според нив, треба да ги зголеми субвенциите или, покрај нив, да обезбеди и друга, дополнителна поддршка, како и да ги зајакне инспекциските контроли.

– Пчелните семејства на почетокот од годинава беа напредни и во кондиција. Сите се надевавме дека ќе имаме рекордна производна година, но поради пролетниот мраз кој ги уништи медоносните растенија и ветерот, се намалија вкупните производи, изјави Павле Бошкоски, пчелар од Скопско, поранешен претседател на здружението „Матица“ и долгогодишен организатор на „Денови на медот“.

Нелојалната конкуренција, дополни, им прави големи штети не само на пчеларите, туку и на производствата поврзани со опрашувањето од страна на пчелите. Бошкоски особено укажа на, како што рече, големиот увоз на гликоза од Романија што доаѓа во земјава со шлепери за 80 денари франко и која, потоа, се додава во медот кој се продава по маркетите за 240 денари.

– Таква заработувачка, трипати поскапо, не остварува ниту една стопанска гранка, а луѓето купуваат зашто е поевтино. Не знаат веројатно дека тоа е чиста гликоза, штетна за здравјето. Тоа го укажуваме постојано. Се додека на декларацијата на теглата пишува само пакувач, ќе има штетни последици по здравејто на граѓаните, без никој да одговара. На етикетата мора да стои кој е производител, а не кој е пакувач. Да престанеме да си ја уништуваме нацијата. Треба сите да соработуваме, инспекциите особено, подвлече Бошкоски.

Како дополнителен проблем годинава, тој ги посочи и медоносните ГМО растенија како сончогледот кои, укажа, ги има во Македонија.

– Лани од едно презимено пчелно семејство извадивме само 2,4 килограми мед, додека годинава само 1,3 килограми. Затоа прогласивме елементарна непогода. Причини за тоа беа ладните зими и пролетнио мраз кој ги уништи ларвите. Исто така, и летово беше многу жешко поради што пчелите не можеа ништо да соберат. Принудени сме да ги храниме со сируп за да ја презимат годинава, изјави претседателот на Пчеларската федерација на Македонија Јане Марков.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, кој официјално ги отвори Деновите на медот, потенцриа дека Владата континуирано ќе презема системски мерки за развој на оваа стопанска гранка.

– Работиме на решавање на сите проблеми во пчеларството, од нелојална конкуренција до финансиска поддршка. Пред месец и половина во еден ден исплативме над два милиона евра субвенции за пчелни семејства. Внимателно ја следиме состојбата на терен и ќе преземаме соодветни мерки во корист на пчеларите, рече Николовски.

Во Македонија има повеќе од 6.500 одгледувачи на пчели и околу 234.000 пчелни семејства. Просечната цена на медот е 400 денари, а толку е и продажната саемска цена на манифестацијата во Скопје. Во Западна Македонија тегла мед може да достигне и до 500, 600 денари, додека во Источна може да се најде и за 350 денари. Според пчеларите, причини за ваквите цени се малите количини произведени годинава, но и цените на медот во регионот кои се минимум десет евра и повеќе, ако се земат предвид државите-членки на ЕУ, Бугарија и Грција.

Субвенциите засега изнесуваат 600 денари за презимено пчелно семејство, сума, која, сметаат пчеларите, воопшто не е доволна. Осигурувањето се уште не е пракса зашто производителите потешко го прифаќаат, но полека се размислува и за таа опција.

Манифестацијата „Денови на медот 2017“ се одржува на улицата „Македонија“ и ќе трае до недела. На повеќе штандови се изложени различни видови мед и пчелни производи од одгледувачи на пчели од сите краеви на Република Македонија.

Би можело да ве интересира

Лефков: Владата го зголеми Буџетот за земјоделство, фокус модернизацијата и наводнувањето

СДСМ: ДПМНЕ ги заглави субвенциите а се фали со мерките на СДСМ за јачменот, пченицата, грозјето

Земјоделците од штипските села се жалат дека немаат вода за наводнување на културите

Трипуновски: Љупчо Николовски доделил 2.5 милиони евра надвор од процедура

A1on

МЗШВ: Усвоена Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година

Македонското земјоделство ги доби првите сертифицирани советници