Коалицијата за чист воздух О2 и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ заедно со уште 18 граѓански, невладини организации, денеска попладне организираат мировен марш за чист воздух.
Почетна точка на акцијата е Владата на РМ, по што ќе се помине низ булеварот „Илинден“ и булеварот „8 Септември“ каде учесниците ќе се спојат со партнерските граѓански организации „Ние сме Карпош 4“ и „Карпош 3“ кои исто така ќе имаат мирен протест.
– Сметаме дека токму овој период е исклучително важен за да се чуе гласот на граѓаните кои буквално, во сите поголеми градови во Македонија, Скопје, Тетово, Битола, Кичево, Струга, Куманово, Кавадарци директно ги чувствуваат последиците на токсичниот воздух. Сметаме дека овој период е особено важен пред новите локални власти да се позиционираат, за да можат сериозно да го сфатат проблемот и заедно со централната власт да можат да превземат итни, но и краткорочни, а понатаму и систем на долгорочни мерки за решавање на проблемот, изјави Ели Пешева од Коалицијата О2.
Поддршка на маршот од страна на граѓаните очекува Драги Змијанац од Првата детска амбасада „Меѓаши“.
– Мора да излеземе и јасно да кажеме не само Скопје туку Кавадарци, Куманово, Битола, Тетово, и многу други градови што се засегнати со правото на живот. Чистиот воздух и здравата животна средина е елементарно човеково право и за ова не треба да се дискутира. Забележуваме поголема мобилност од страна на Владата на РМ и се надеваме дека овој наш притисок ќе вроди со резултати, затоа што ние испорачавме краткорочни, среднорочни и долгорочни барања и очекуваме да се случи промена. Ќе излегуваме на улица почесто, затоа што само на тој начин може да покажеме дека децата имаат право на чист воздух. Секое второ дете во загадените градови боледува од асма, истакна Змијанац.