Највработливи на пазарот на труд во Македонија се младите со стручни образованија и технички факултети, а најбрзо до работа невработените млади лица може да стигнат преку практиканство во солидна компанија, остручување или започнување сопствен бизнис преку користење на некоја од активните мерки за вработување.
Тоа се заклучоците од јавната дискусија „Дијалог за младинска невработеност“ што се одржа денеска во Скопје, во организација на Регионалната платформа за социјални иновации во младинското вработување (YOUSEE) и Младинскиот културен центар-Битола.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, рече дека е неопходно добро да се осмисли процесот за мотивирање на младите, кои се демотивирани и посочи дека вработувањето на младите и обезбедување услови за тие да останат во Македонија е еден од најголемите предизвици на новата Влада.
– Наша обврска е да го мотивираме младото лице. Дополнително многу млади лица се на пасивна листа на баратели на работа. Ние рековме дека сите баратели на работа имаат право да користат активни мерки. Во активните мерки за вработување се обидовме да ги вклучиме барем принципите на младинска гаранција. Ќе обезбедиме повеќе пари, 2 милиони евра со ребалансот на Буџетот и најголем дел од мерките се однесуваат на млади до 29 години, рече Царовска.
Посочи дека важна работа е да се утврди образованието и линкување со пазарот на труд, што кај нас не е добро направено.
– Дали хабови, центри за едукација и развој на дополнителни вештини за подобрување на вработливоста кај младите. Свесни сме дека нашите млади по средно школо дали се вработливи и дали имаат нешто опипливо за што работодавачот треба да ги вработи. Ние токму тоа треба да го направиме. После средно школо ако младо лице реши дека ќе се вработува, што е тоа што тоа го има како знаење, како вештина во свои раце за да може да отиде кај работодавачот да биде конкурентен на пазар на труд, изјави Царовска.
Посочи дека со новиот план за активација, преку сеопфатни партнерства ќе се вклучи граѓанскиот сектор да може да ги користи парите за вработување на младите.
– Нудиме 10 илјади евра неповратни средства за старт апи за лица до 29 години. Треба да се обединат две лица и да аплицираат за неповратни средства. 140 бизнис идеи ќе бидат поддржани со ова. Дополнително има менторска поддршка за реализација на тој бизнис, рече Царовска.
Нагласи дека дополнително се нудат 2,500 евра за секоја компанија што ќе вработи младо лице со тоа што може максимум да се вработат пет лица до 29 години.
Извршниот директор на МКЦ Битола Златко Талевски, рече дека според најновите податоци од Државниот завод за статистика во вториот квартал на 2017 година бројот на невработени млади на возраст од 15 до 24 години изнесува 47,1 процент.
– Од јануари до мај во рамки на проектот направивме мониторинг на имплементацијата на активните мерки. За период од пет месеци аплицирале над 6.000 невработени, скоро 1.000 биле вклучени во некоја од мерките, а крајниот ефект се само 42 директните вработувања како производ на овие мерки. Тоа се одразува и на буџетот. Само 35 проценти од буџетот за овие активни мерки е искористен до крајот на август. Тоа докажува дека е потребен комплетен редизајн и редефинирање на приоритетите на тие мерки, изјави Талевски.
Серијата дијалози за младинска невработеност започна вчера во Битола со средба со директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска и продолжува и утре во Штип со средба со директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски.