Второосомничениот во случајот „Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство, Тони Јакимовски е разрешен од функцијата генерален директор на Југоисточниот европски центар за спроведување на законот (СЕЛЕК).
Одлуката е донесена преку тајно гласање, на вонредна седница во Букурешт, на барање на македонското Министерство за внатрешни работи.
Од вкупно 11 члена на Советот на СЕЛЕК, сите гласале за негово разрешување.
Ваквата одлука била донесена откако биле презентирани сите факти од страна на државниот секретар во МВР, Магдалена Несторовска.
Тони Јакимовски, кој беше шеф на кабинетот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет од СЈО во случајот „Тврдина“ за уништување на системите со кои нелегално се прислушувало.