Европската унија успеа да го создаде најголемиот единствен пазар каде што инвеститорите имаат пристап до огромен број на потрошувачи, рече еврокомесарот Јоханес Хан денеска во Белград, на предавање организирано од страна на цивилниот сектор.
– Договорот ЦЕФТА не претставува алтернатива за пристапување кон ЕУ, ниту спореден колосек, ниту ќор-сокак, ниту го менува, ниту го одложува членството во Унијата, туку, спротивно од тоа, тоа е еден чекор напред во вашата подготовка за пристапување кон единствениот пазар на ЕУ и секако, ги решава одредените структурни слабости на целиот регион, како што се, меѓу останатото, и недоволно развиениот ланец за снабдување, рече Хан.
Тој кажа дека се гледа голем потенцијал во регионот, но треба да се направи напредок во заедничкиот регионален простор и додаде дека Европа е заснована на региони.
– Потребни ни се силни, урамнотежени региони, не сакаме економски силен дел на Европа и слаби делови на Европа, истакна комесарот.
Уште еден блок од 20 милиони луѓе кои би биле вклучени во Унијата би придонеле за општ успех и напредок на Европа, смета Хан и според него изборот е слободен на земјите дали сакаат или не сакаат да ја искористат таа можност.
Тој наведе дека секојдневно ги следи истражувањата за јавно мислење и оти поддршката за ЕУ се менува.
– Кога нешто се менува тоа сосебе носи неизвесност, а тоа луѓето не го сакат, тие сакаат да знаат што ќе се случува утре. Реформите не се секогаш добредојдени. Морате да ја гледате суштината, кој навистина ви дава нешто, опипливо. Ние и на нашите граѓани мораме да им се обраќаме. И во Европа секој не е среќен кога зборуваме за проширување на Унијата, мораме и на нашите граѓани тоа да им го објасниме, што е користа и зошто сакаме нови членови, нагласи Хан.