„Во наградениот портал за најдобро пренесување на пораките на Груевски, пардон, за најдобро информирање оваа година, “Курир“, прочитав: “Пред новогодишните и божиќните празници, граѓаните сакаат мир, спокој и среќа, а не мала група протестанти кои не знаат за што протестираат“, пишува Мирјана Најчевска во колумна на блогот „Квадратура на кругот“.
Колумната ја пренесуваме во целост:
И знаете што е најстрашното, има право.
Граѓаните на Македонија ќе собираат отпадоци од кантите за ѓубре и ќе си бидат среќни и во празнично расположение. Ќе трпат се додека не паднат на земја и не почнат да ги газат, па и тогаш ќе причекаат малку да видат дали тој што ги гази нема да престане (од досада на пример или да не си ги извалка чевлите).
Меѓу луѓето кои протестираат нема гладни, ниту на прагот на егзистенцијата, ниту фрлени на улица без ништо и никого. Тие баш можат да си одат да си купуваат подароци и да си накитат елки и да си слават Нова година покрај богати трпези. А тие, будали, излегле на улица, мрзнат, викаат и се обидуваат да допрат до заспаната свест на македонското човече.
Сега е време да им се придружат стечајците и железничарите и охисовците и лекарите и сета згазена администрација и сето понижено образование и оние 600000 кои живеат под прагот на сиромаштијата и луѓето со нехетеросексуална ориентација и Ромите и Плоштад Слобода и Аман и сите невладини организации за заштита на човековите права и се разбира студентите.
Парламентот е укинат. Уставниот суд одамна не живее во Македонија. Судовите се шутнати, а полицијата претворена во банда. Народниот правобранител е награден за послушноста, антикорупциската е потполно слепа, а Комисијата за заштита од дискриминација се скри во својот голубарник.
Сега е време да не има или потполно ќе не снема.
Мирјана Најчевска