Македонскиот фудбалски првак Вардар првиот натпревар од групната фаза во Лигата Европа го игра утре на Националната Арена „Филип Втори“, а во првото коло противник е руската екипа Зенит.
На прес-конференцијата од таборот на гостите тренерот Роберто Манчини изјави дека Вардар е солиден тим.
– Ќе биде тежок натпревар за нас, како и секој прв во групата. Вардар е тим што игра добро во одбраната, а опасен е во контра нападите. Но, нашата амбиција на овој натпревар, како и на сите е да постигнеме победа.
Манчини истакна дека Олек Шатов и Леандро Паредес останале во Русија и дека поради повреди не се во составот, но очекува нивно брзо враќање.
Александар Јерохин, еден од играчите кој е повратник во тимот напомена дека тој и соиграчите со голема сериозност ќе истрчаат утре на дуелот со Вардар.
– Ги гледавме натпреварите на Вардар против Фенербахче. Тоа е добро организиран тим, кој му даде четири голови на Фенербахче и затоа треба да бидеме максимално внимателни, изјави Јерохин.
По прес-конференцијата екипата на Зенит излезе на теренот и го одработува единствениот тренинг во Скопје, по нив во терминот од 20:30 часот тренинг има и македонскиот првак Вардар.