Актуелниот европски првак РК Вардар го освои првиот пехар во новата сезона. Ракометарите на Вардар кои на домашната сцена минатата сезона ги освои двете титули, првенствена и во купот, попладнево го освоија и трофејот наменет за победникот во Супер купот на Македонија.
Вардарци пред својата публика во СЦ „Јане Сандански“ го победија битолски Еурофарм Работник со 30-25 полувреме 19-12 и триумфираа во првиот македонски Супер куп.
Најефикасен на натпреварот беше Гоце Ојлески кој за Еурофарм Работник постигна 8 голови, додека неговиот клупски колега Мајнов средбата ја заврши со 6 гола. Во победничката екипа на Вардар по 4 гола постигнаа Кристопанс и Канењас.
Овој меч е вовед во новата ракометна сезона во Македонија која ќе стартува следниот викенд (23-24 септември), а во првиот дел нема да учествуваат Вардар и Металург кои ги очекуваат првите средби во Лигата на шампионите, а воедно настапуваат и во регионалната СЕХА лига.