Јавна дебата „Помирување и градење на мир – предизвици и решенија“

Од:

Основа на мирот е правдата, а за да отпочне и тече процесот на помирување, клучен е моментот на изнаоѓањето на правда или она што се нарекува транзициона правда во пост-конфликтните општества, изјави професорот Љубомир Данаилов Фрчкоски на јавната дискусија на тема „Помирување и градење на мир – предизвици и решенија“ што се одржа минатата недела во организација на Прогрес Институт и Младински Културен Центар- Битола.

– Потоа следи обидот да се создаде официјална вистина за конфликтните настани. Може дури и да се создаде паралелна вистина за секоја од страните. Тие две вистини не мора да се поклопуваат, но поентата за да се изгради мирот е да се прифаќа туѓата вистина и да се почитува истата, рече Фрчкоски на јавната дебата, која се одржа во рамки на регионалниот ИПА проект „Поделено минато – Заедничка иднина“.

На дискусијата во контекст на самиот наслов, помирување и градење мир, со фокус на етничките односи, (заедничката) историја и намалување на етничката дистанца, свои излагања имаа проф. д-р Љубомир Данаилов Фрчкоски, пратеникот и универзитетски професор Стево Пендаровски и аналитичарот Алберт Муслиу.

Пратеникот и универзитетски професор Стево Пендаровски напомена дека е клучно да се постигне договор за приоритетите и заедничките интереси, врз основа на кои ќе се гради соживотот.

– Правдата е важен момент во процесот на помирување и градење мир нагласи, Пендаровски.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу од своја страна посочи дека соживотот на повеќе етнички заедници во една држава треба да се гради врз основа на заедничка вистина и заеднички интереси.

– Она што е заедничко за сите граѓани на Република Македонија, што значи и за Македонците и за Албанците и за сите други е желбата за подобар живот, мир и правда. Имено во нашата земја покрај политичките и етничките промени, треба да има развојни промени кои ќе бидат двигател на подобриот живот. Во многу историски случаи економскиот напредок и развој доведува до премостување на архаични проблеми, рече Муслиу.

Оваа јавна дискусија е дел од серијата активности во рамки на проектот „Поделено минато – Заедничка иднина“, кој има цел зголемување на капацитетите за градење на мир и помирување.

„Поделено минато – Заедничка иднина“ е четири- годишен регионален проект кој е финансиран од Европската унија и кој има цел премостување на разликите помеѓу различните заедници во земјите од Западен Балкан и Турција.

Во спроведувањето на Проектот се вклучени 18 организации од седум земји, заедно со партнер организации од Словенија, Хрватска и Австрија. Тие заеднички работат на создавање на силна одржлива меѓусекторска платформа за соработка во областа на спроведување на политиките за градење мир и помирување преку иновативни механизми.

Главна цел на проектот „Поделено минато – Заедничка иднина“ е граѓанските организации да бидат препознаени од владите во регионот како важен општествен фактор со силен капацитет за градење мир и помирување. Партнерски организации од нашата земја вклучени во проектот се Прогрес Институт за социјална демократија и Младински културен центар – Битола.

Би можело да ве интересира

Прва дебата меѓу Трамп и Бајден: Забранети ќе бидат напишани белешки, на масата ќе има само хартија, пенкало и вода

A1on

Негативни коментари по дебатата на МРТ: „Ова не е дебата, туку квиз“

Јакимовски е против уставни измени со цел внесување на Бугарите во Уставот

„Дами проверете се“ – Јавна дебата на ФОН за подигање на свеста за ракот на дојка

А1он

Анализа на Собрание: Половина пратеници говорат без аргументи, нема почит кон личноста на колеги од друга партија

A1on

Одговорноста за врсничкото насилство е во целото општество и проблемот треба да се решава системски