Нема судир на интереси во случајот со тендерот на фирмата „Фероинвест“ на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, изјави претседателот на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Игор Тантуровски по завршување на седницата за приговорите поднесени по повод вработувањата и разрешувањата за време на изборен процес.
„Се согласуваме дека фирмата треба да работи, но етички и морално дали е тоа исправно тоа треба да одговори тој“, рече Тантуровски.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев вчера рече дека повеќе не е управител на фирмата „Фероинвест“. Тој додава дека нема конфликт на интереси и дека според законот за спречување на корупција носители на јавни функции не смеат да бидат управители, а можат да останат сопственици.
„Не сакам да имам ниту една бенефиција од мојата функција, но од друга страна не можам да ги затворам компаниите. „Фероинвест“ работи 15 години и е мајка на сите компании. Во нејзини рамки се вработени 800 луѓе. Мислам дека сите треба да се научиме дека компаниите можат да работат ако тоа го работат транспарентно. Моите компании работат транспарентно и ќе продолжат така“ рече Анѓушев.
Анѓушев не сакаше конкретно да одговори на новинарско прашање дали неговата компанија во иднина ќе присуствува на владини тендери и посочи доколку новинарите имаат одредени прашања за оваа компанија да се обратат кај нејзиниот менаџмент.
Во врска со тендерот за набавка на гумени траки за РЕК-Битола, во кој се споменува фирмата „Фероинвест“, АД ЕЛЕМ информираше дека за тој тендер досега се одржани две аукции, на кои, бидејќи набавката е поделена на три дела, најповолна цена понудиле три фирми, меѓу кои и „Фероинвест“.
Од компанијата велат дека аукциите потоа се поништени по жалби од други учесници во наддавањето, така што следната недела ќе се одржи нова аукција за овој тендер.