Јапонски воени авиони денеска одржаа воздушна вежба заедно со американските бомбардери над Источно Кинеско Море, соопштија воздушните одбранбени сили на Јапонија (АСДФ).
Во вежбата учествуваа два бомбардери Б-1Б на американското воено водухопловство, кои полетаа од Гвам, каде е лоцирана американската воздушна база на Пацификот, на кои им се придружија два јапонски борбени авиони од типот Ф-15.
Вежбата се одржа кога Северна Кореја прославува Ден на државноста, а севернокорејските медиуми објавија соопштение со кое се повикува на зголемување нуклеарното оружје во знак на протест поради меѓународните санкции.
– Одбранбениот сектор во согласност со партиската политика (истовремено развивање на еконимијата и нуклеарното оружје), мора да произведува поголемо количество нуклеарно оружје, објави севернокорејскиот весник „Родонг Синмун“.
Северна Кореја петтата нуклеарна проба ја изврши на 9. септември минатата година, а шестата пред една недела. Севернокорејските медиуми тврдат дека е тестирана хидрогенска бомба, која би можела да се лансира со ракета. Тоа предизвика осуда од меѓународната заедница и апели за нови санкции кон Пјонгјанг.
Во денешниот телефонски разговор меѓу францускиот претседател Емануел Макрон со американскиот колега Доналд Трамп и јапонскиот премиер Шинѕо Абе потенцирано е да се интензивираат притисокот и санкциите кон Северна Кореја.
– Тројцата лидери ја истакнаа потребата за постигнување на единствена и одлучна реакција на меѓународната заедница кон Пјонгјанг, се посочува во соопштението од Кабинетот на Макрон.