Шпанската Влада бара од Уставниот суд да го поништи законот за референдум, за кој сепаратистичката влада во Каталонија се надева дека ќе помине на гласање, изјави денеска заменичката на шпанскиот премиер Сораја Саенз де Сантамарија.
Таа посочи дека премиерот Маријано Рахој побарал од Уставен суд да го оспори законот, со кој би и се овозможило на Каталонија да распише референдум за независност на први октомври со оглед на тоа дека Законот е во спротивност со претходните пресуди.
– Тоа што се случува во Парламентот во Каталонија навистина е срамота, посочи Сантамарија.
Законодавците во Каталонија би требало денеска да изгласаат закон, кој ќе биде одобрен на референдум и така правно да ја легализираат независната држава. Законот најверојатно ќе биде усвоен, бидејќи партиите кои поддржуваат независност имаат мнозинство во каталонскиот Парламент.
Каталонија е најбогата шпанска покраина со 7,5 милиони жители, сопствен јазик и обичаи, а учествува со една петтина во економијата на Шпанија.