Лидер е оној што предводи, што создава тимови и нуди решенија. Во зависност од тоа колку ве следат, толку е вашата моќ да бидете лидери. Има многу луѓе, кои имале многу идеи, но немале следбеници. Тие што создаваат проекти и визии и кои ги следат, тие се предводници, тоа се лидери, им порачал македонскиот претседател Ѓорге Иванов на учесниците 12. Економскиот форум на млади лидери во Нови Сач, Полска, каде говореше како специјален гостин.
– Не барајте изговор дека вашето време допрва доаѓа, вашето време е сега. Сето ваше знаење и искуство што го имате треба да биде применето, бидејќи вашата генерација, со животот на преминот од еден во друг милениум, создаде кај вас поединци кои се многу поинвентивни и покреативни од сите претходни генерации, нагласил Иванов во обраќањето пред младите лидери.
Во овој период на доминација на стравот друга идеја која може да ги мобилизира луѓето е идејата за надежта, истакнал Иванов, додавајќи дека надежта доаѓа од оние кои ја гледаат иднината од аспект на сегашноста. Така што вие не сте генерација на иднината, вие сте генерација на сегашноста, порача шефот на државата.
Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, посочил дека напредок во технолошките иновации, растечката демографија, незапирливите миграции, рапидната урбанизација, климатските промени се дел од големите промени предизвиците со кои ќе се соочуваат младите, а најголемиот предизвик за т.н. милениумците е преносот на идеите и вредностите од минатото.
– За разлика од претходните генерации, вие одбивате слепо да им верувате на авторитетите. Тоа е прв услов за критичко размислување. Вие не сте заложници на стереотипите и предрасудите на постарите генерации, истакнал македонскиот претседател.
Македонскиот претседател нагласил дека е восхитен од нивната самодоверба, храброст и подготвеност да бидат социјално активни за бројни прашања, за кои претходните генерации не сакале да ги искажат своите ставови. – Но, глобализацијата доведе да се создаде генерација која е онлајн со виртуелниот свет, но офлајн со реалниот свет. Затоа, ве охрабрувам да го канализирате уникатниот потенцијал на вашата генерација за достигнување на трајните вредности, наместо минливите виртуелни илузии, порачал Иванов.
На прашањето што би направил тој да е на нивно место, претседателот Иванов ја посочил Школата за млади лидери, како негова лична иницијатива и инвестиција во образованието на младите.
– Пред неколку дена заврши осмата генерација на Школата. Во таа Школа досега поминаа и се стекнаа со лидерски вештини и знаења околу 320 млади луѓе од Македонија. Тоа е мојот влог во иднината, истакнал Иванов.
Како специјален гостин на Економскиот форум на млади лидери што се одржува по 12 пат, ќе се обрати и полскиот премиер, Беата Шидло.
Претседателот Иванов, вчера во Крињица-Здруј, учествуваше и се обрати на 27. Економски форум, и оствари билатерална средба со претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда.