Од денеска почнува тридневната прослава на 8 Септември – Денот на независноста на Македонија кој годинава се одбележува под мотото „Македонија слободна, слободно живее“.
Одбележувањето почнува попладне со спортски настан „Трчај, играј, активирај се“ кој ќе се одржи на Кејот на реката Вардар во организација на Агенцијата за млади и спорт. Ќе биде организирана рекреативна атлетска трка, еколошка акција за чистење на Кејот, одбојка на песок, кајак, крос фит, искачување на карпа и скејт активности.
Централната прослава ќе се одржи утре, а домаќин е Владата на Република Македонија пред чие плато ќе бидат поставени интерактивни уметнички инсталации. На платото пред Владата ќе биде изведена детската претстава „Маша и нејзината приказна“, а танц студиото „Данцерс Унитед Мк“ ќе изведе инклузивен танцов настап на професионални танчари со типичен развој и со танчари со попреченост. Настап ќе имаат и Гудачкиот квартет – ВИВА стинг, Хорот при Македонската Опера и Балет, Биг Бенд на Здружението на џез музичари на Македонија, Љубојна со специјалниот гостин Џамбо Анѓушев, Бени и Нон Стоп со Златко Ориѓански, Влатко Стефановски Трио, Кпурдат, Шутка Рома Рап и Слаткаристика.
Во рамки на централната прослава предвидено е да се обрати и претседателот на македонската Влада, Зоран Заев.
Утре претпладне, владина делегација ќе ја посети реставрираната спомен куќа на Блаже Конески во село Небрегово.
Во петок, делегација предводена од претседателот на Владата Зоран Заев на гробиштата во Бутел ќе положи цвеќе на гробот на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски. Делегација предводена од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ќе положи цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“, а во организација на Министерството за одбрана во крупево ќе се организира искаќување на Бушева Планина „Заедно кон врвот“.
Денот на независноста се поклопува со 100 дена од изборот на новата Влада.