Во подрачните на ДИК најмногу битолчани и охриѓани направиле увид во Избирачкиот список

Од:

Во тек е јавниот увид во Избирачкиот список за Локалните избори 2017, а до 29 август, според информациите објавени на веб-страната на Државната изборна комисија (ДИК) увид во списокот во подрачните одделенија и канцеларии направиле 8.319 граѓани.

Според прегледот на ДИК, најмногу граѓани до 29 август увид во Избирачкиот список направиле во подрачните одделенија во Битола – 1.689 и во Охрид – 1.148 граѓани.

Паралелно јавен увид се врши и електронски преку веб-апликацијата поставена на веб-страната на ДИК. Оваа апликација за проверка на податоци на граѓаните до 28 август била искористена над 180.000 пати.

Проценката на ДИК е дека зголемен е бројот на граѓаните кои вршат увид во своите податоци. Мал е бројот на лицата кои побарале бришење или промена на податоците. До седницата на ДИК одржана во вторникот само едно лице побарало бришење од списокот, а петмина промена на податоци.

Јавниот увид во Избирачкиот список трае до 9 септември, а списокот за Локалните избори закажани за 15 октомври, според Роковникот, ДИК треба да го заклучи најдоцна 15 дена по завршениот јавен увид односно до 24 септември.

На 4 септември на полноќ завршува и рокот за собирање потписи за независни кандидати за градоначалници и за листи за советници. Во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК потписи се собираат за 24 листи за членови на совет, и за 14 независни кандидатури за градоначалник.

Во Битола потписи за градоначалник собираат Кирчо Ташков и Јорго Огеноновски, во Охрид Горан Китевски и Стевчо Стевовски, во Брвеница Енвер Пајазити, во Вевчани Господин Попоски, во Гази Баба Тони Ѓуровски, во Дебарца Јадранка Бибан, во Кавадарци Борис Давидов, во Карпош Владимир Кофчегарски, во Куманово Маријанчо Анделовски, во Радовиш Јуре Ѓорѓиев, во Ранковце Ивица Тошевски и во Струга Насто Палиоски.

Во Македонски Брод се собираат потписи за единаесет листи за советници, за три листи во Радовиш, за две листи се собираат потписи за членови на совет во Охрид, по една во Битола, Дебарца, Долнени, Карбинци, Кочани, Кривогаштани, Петровец и Ранковце.

Потребниот број потписи зависи од бројот на жители во општината каде се собираат потписите.

Листите на кандидати овластените претставници до Општинските изборни комисии односно до Изборната комисија на Град Скопје се поднесуваат најдоцна до 14 септември, од кога течат роковите за проверка на уредноста на листите. Општинските изборни комисии треба да ги утврдат листите најдоцна до 16 септември.

Би можело да ве интересира

Грузиската Централна изборна комисија ги објави конечните изборни резултати, опозицијата продолжува со протестите

Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски

Филипче: Ние сме подготвени за избори, ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно

Објавени се конечните резултати од изборите во Подгорица

Проруската владејачка партија прогласи победа во Грузија, опозицијата излегува на протести

Предраг Петровиќ

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар