Претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани ги повика денеска лидерите на ЕУ да определат шест милијарди евра финансиска помош за Либија, со цел да се прекине приливот на мигранти во Европа преку Средоземно Море.
– Европа и даде на Турција шест милијарди евра да ја затвори „Балканската рута“. Сега е момент истото да го направи и со Либија, истакна Тајани пред состанокот на четирите водечки членки на ЕУ и клучните африкански земји во мигрантската криза.
Финансиските средства би се употребиле „за промовирање на договорот меѓу Триполи и Бенгази“, но и да им се помогне на соседните Нигер и Чад да го затворат либискиот коридор и да воспостават центри за регистрација, предводени од ОН, каде мигрантите би добивале храна и престој додека ја чекаат процедурата за добивање азил.