Ќатип Османи, тренерот на тетовска Шкендија, не го криеше разочарувањето од убедливиот пораз од Милан со 6-0 во првиот дуел од плејофот во Лига Европа.
Османи најави и промени во таборот на Шкендија што ќе се случуваат во следните денови, пред реваншот со Милан и дека ќе им даде шанса на помладите фудбалери.
– Правевме премногу грешки во одбраната, а искусен тим како Милан знаеше како да го искористи тоа и да стигне до убедлива победа. Покрај грешките, бевме многу слаби на психолошки план. Атмосферата и големината на натпреварот најверојатно предизвика страв кај фудбалерите, што беше очигледно на теренот. Пред нас е реваншот во Скопје, на кој мораме да се претставиме во подобро светло. Ќе промениме некои работи за следниот меч, сите ќе го видите тоа. Јас како тренер при доаѓањето најавив дека ќе им дадам шанса на помладите, тоа ќе се случи, изјави Османи.
Реванш дуелот Шкендија – Милан ќе се игра на 24 август во Скопје.