Паркинг-просторот во Кочани станува претесен да ги прими големиот број моторни возила, особено во текот на летните месеци кога и бројот на возилата со странска регистрација значително е зголемен.
Паркирањето во градот е во надлежност на комуналното јавно претпријатие „Водовод“ кое, и покрај настојувањата просторот за паркирање да се зголеми со нови локации, ублажување на состојбата ја гледаат во изградба на катна гаража.
– За изградба на катна гаража е определена локацијата зад поштата, но за нејзината изградба ќе треба да одлучуваат членовите на Советот на општина Кочани. И ако се изгради и стави во функција, граѓаните ќе треба да се навикнат и да ги користат нејзините услуги по повисоки цени од сегашните, изјави Иван Симеонов, раководител на паркинг-службата во кочански „Водовод“.
Тој посочи дека граѓаните на Кочани сега ги користат услугите на постојните паркинг-места и може да платат на четири начини – со еднократен билет кој чини 10 денари за еден час паркирање, СМС-порака, купување грепки и со купување месечен билет за паркирање кој чини 300 денари.
Според Симеонов, досега повеќепати е размислувано и за воведување пајак-служба која е доста скапа – и за граѓаните, и за одржување, па засега е одлучено да не се воведува таква служба, туку ќе продолжи да функцинира влечната служба која ќе реагира во случај ако возилото на кое му е ставено блокатор не е подигнато во рок од 24 часа.