(ВИДЕО) Иванов: Поради македонскиот идентитет ни се оспорува правото на просперитет

Од:

Без македонството, Македонија е само форма без суштина. Без македонството, македонскиот народ го сведуваат на аморфна маса што може да се моделира според желбите на туѓинците. Борбата за национална и социјална слобода на Македонија, нужно подразбира македонство. Затоа, споменот за нашите борци и херои го негуваме, бидејќи без помнење, нема иднина, порача денеска претседтелот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во обраќањето по повод Илинден.

Иванов од пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов-Ченто, порача дека македонството е нашиот образ и идентитет, она по што другите не препознаваат и по што самите се препознаваме во огледалото на историјата.

– Македонството е нашето име и творештво, нашата култура и традиција, нашиот македонски јазик, нашиот 7/8 музички такт, нашиот македонски модел на соживот и почитување на различноста, македонството е нашиот автентичен светоглед, израз на нашата само идентификација, потенцира претседателот.

Поради нашиот македонски идентитет, истакна Иванов, нам ни се оспорува правото на просперитет.

– За да создаваме услови за просперитет во нашиот глобализиран свет, неопходно е да бидеме дел од Европската Унија и НАТО. Токму членството до сега требаше да ни овозможи конечно да ја достигнеме целата слобода. Но, на тој пат, ние, како држава сме уценети. А цената е висока, премногу висока, рече македонскиот претседател.

Иванов потсети дека иако Македонија ги исполнуваше критериумите за членство во НАТО и за почеток на преговори со Унијата, кон земјата беше направена неправда.

-Ниту една земја-членка на својот европски пат не се соочувала со прашањата на кои ние секојдневно трошиме време, енергија и трпение. Од ниту една друга земја членка не се бара она што се бара од нас – негирање на правото на човечко достоинство и самоидентификација, истакна шефот на државата.

Во изминативе пет години, посочи Иванов, двајца сега веќе поранешни претседатели на две соседни држави, членки на Европската Унија и НАТО кажаа една иста работа. Првиот не предупреди дека со македонизмот вратите во НАТО и Европската Унија ни се затворени. Вториот, пак, рече дека Македонија треба да влезе во Европската Унија, но не и македонизмот. Двајцата навидум добронамерно не советуваа да ја соблечеме наметката на македонизмот, и да ја оставиме пред прагот на евроатлантскиот дом. Двајцата поаѓаат од претпоставката дека таа наметка е нешто туѓо, крадена роба што некој ни ја подметнал или ни ја продал на црно. Тие тврдат дека македонизмот е лага со која ја криеме вистината за тоа кои навистина сме, рече претседателот Иванов во обраќањето.

Додаде дека нивниот совет би бил на место, доколку навистина стануваше збор за лажна прекривка. Иванов рече дека македонството не се само празниците и спомениците посветени на нашите херои.

-Македонството е многу, многу повеќе од тоа. Македонството е доследно почитување на нивното дело, чекорење по нивниот пат, ширење на нивните вредности, кои до сега требаше да бидат и наши вредности: вистината, правдата, солидарноста, слободата на совест и мисла, демократијата, човековите права, сплотеноста околу државните интереси, и пред се, љубовта кон Македонија. Проблемот е што не останавме доволно верни на нивниот завет. Скршнавме од патот и залутавме во меѓусебни обвинувања и погубни реваншизми, рече во обраќањето македонскиот претседател.

Членството во Европската Унија и НАТО, вели Иванов, неминово бара жртва. Но, за секоја жртва е потребен широк национален и државен консензус. Да внимаваме да не го жртвуваме она за што нашите предци се жртвувале. Да не го жртвуваме идентитетот, порача шефот на државата.

Честитајќи го празникот Илинден, претседателот Иванов повика на три работи, посочувајќи дека целта на илинденците, партизаните и АСНОМ-ците беше слободата од ропство, а целта на нашата генерација е слободата за просперитет.

– Прво, да го задржиме континуитетот со првиот и вториот Илинден, со Крушевскиот манифест на соживот и АСНОМ-ските документи за државност. Второ, да ја продолжиме борбата против новиот фашизам, против исклучивоста, ксенофобијата и омразата, против радикализмот, екстремизмот и тероризмот. Трето, да создадеме широк македонски фронт во кој ќе има место за просперитет на сите чесни Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци независно од идеолошката или политичката припадност. Да ги оставиме по страна меѓусебните обвинувања и погубните реваншизми. Да се сплотиме околу државните и националните интереси на Република Македонија. Затоа што само сплотени ќе успееме да изградиме Европска Република Македонија. И со тоа конечно да го изодиме патот до слободата, порача македонскиот претседател.

Шефот на државата зборуваше и за новата Влада, како и за Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија што беше потпишан вчера. Воедно изрази надеж дека е можно постигнување взаемно прифатливо решение со Грција за надминување на прашањето за името.

Пред обраќањето, претседателот Иванов положи цвеќе пред споменикот на Ченто, а Воениот оркестар ја инторираше македонската химна.

По повод Илинден, претпладнево Иванов положи цвеќе и пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев.

Би можело да ве интересира

Заменик-министерот за одбрана на Русија обвинет за поткуп од една милијарда рубли

Горан Наумовски

Иванов: Се исполнува визионерскиот став на Кисинџер дека за конфликтот во Украина кога тогаш мора да почне дијалог

Горан Наумовски

Ќе воскресне ли аболицијата од Иванов – скопски адвокат поднел барање до Врховен

Анита Петровска Рајковиќ

ДКСК: Обвинувањата од Иванов се паушални

Ана Ололовска

Порнешниот претседател Иванов бара од Антикорупциска информација за предметите што се водат за него

Ана Ололовска

Иванов: По ваква изјава на премиер, во секоја демократска земја паѓа владата

Жарко Настоски