Многу кандидати, ниту една сигурна одлука. Засега е сигурно само дека локални избори ќе има во отомври и дека се засилуваат лобирањата внатре во партиите за обезбедување место на кандидатските листи. Големо влијание освен лобирањето ќе имаат и анкетите за рејтинзите на сите кандидати.
Освен со дел од актуелните градоначалници, и двете најголеми партии ќе одат со нови лица во повеќето општини.
Во СДСМ, засега само две имиња се вртат како релативно сигурни во трката за градоначалнички места. Тоа се Златко Марин како кандидат за градоначалник на Аеродром и Душко Весковски како кандидат за градоначалник на општина Карпош.
Марин е претседател на општинската организација на СДСМ во Аеродром, а Весковски претседател на општинската организација во Карпош, правник, вработен како раководител во Меморијалниот центар на Холокаустот.
Од ВМРО-ДПМНЕ се уште не е утврден кандидатот за општина Аеродром, односно и не е сигурно дали на Ивица Коневски ќе му се даде уште една шанса да се трка за оваа општина, што зависи од анкетите и прераспределбата на силите во ВМРО-ДПМНЕ.
Во општина Карпош е извесно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе застане зад кандидатурата и уште еден мандат на Стевчо Јакимовски.
Големи се шансите, но не е уште сигурно, во Велес СДСМ да го кандидира Аце Коцевски.
За Кисела Вода Социјалдемократите ќе одлучуваат помеѓу синот на Зоре Темелковски, Филип Темелковски и Елена Костова која засега е поблиску до можноста да се трка за градоначалник.
Од ВМРО-ДПМНЕ нема сигурен кандидат, а шанси му се даваат на Орце Ѓеоргиевски кој почесто излегува во последно време на прес конференциите на партијата.
Центар според сите анкети и расположение оди во рацете на СДСМ. Но допрва ќе се бие битката кој со поддршка на СДСМ ќе ја трча локалната иззборна трка.
Андреј Жерновски, актуелниот градоначалник, вели дека од граѓаните ќе бара втор мандат, зошто има да се реализираат уште многу проекти. Тој во трката влегува откако ги мина партиските процедури на СДСМ и се надева на поддршка на Заев и СДСМ.
Директорот на ЈП ПОЦ и претседател на општинската организација на Центар Саша Богдановиќ исто покажува аспирации за оваа позиција. Тој се надева на гласовите на партиските верни гласачи на СДСМ, иако има информации дека трета личност ќе влета во играта, иако засега не се открива кој.
До мај месец се споменуваше и името на Дамјан Манчевски, но тој замина во министерската фотелја на Информатичко општество.
На неколкуте анкети Жерновски има висок рејтинг кај граѓаните. Каква и да е одлуката на СДСМ, Жерновски ако не ја добие поддршката на СДСМ, на избори, како што неколку пати најавуваше ќе оди како независен кандидат со своја листа на советници.
Тука најверојатно ќе се соочи со Сашо Стефановски, кој е се уште актуелен директор на Фондот за здравство и претседател на општинската организација на ВМРО-ДПМНЕ за Центар. Охриѓанецот по потекло ќе има тешка задача во Центар, не за победа, туку за подобар скор и повеќе гласови за градоначалникот на град Скопје.
Неизвесно е и за Скопје, тука се вртеа неколку имиња меѓу кои и на Манчевски и Жерновски, исто е и со другите општини, но како што дознаваме кандидати ќе бидат оние личности кои имаат најголем рејтинг и ќе поминат најдбро на анкетите.
Тоа треба да бидат угледни и познати и ценети личности во своите средини. Иако нема дефинитивна одлука, СДСМ сериозно размислува Петре Шилегов да ја извојува битката за Скопје.
За главниот град, иако би сакале нов кадидат, сепак ВМРО-ДПМНЕ според интерните анкети ќе одат со Коце Трајановски, а во Гази Баба повторно со Тони Трајковски.
Струмица има многу аспиранти, меѓу нив и актуелниот в.д. Костадин Костадинов. Но аспирации има и Марјан Даскалов, поранешен пратеник и претседавач на Совет на Струмица.
Аспирации за четврти мандат во Куманово има и Зоран Дамјановски Циц, иако многумина сметаат дека три мандати се доволно и треба да се даде шанса на некој друг. Се споменуваат имињата на локални видни членови, меѓу кои и Максим Димитриевски кој е сега пратеник.
Доколку не се случи некаков договор за коалицирање со други партии, на локалните избори самостојно ќе настапат како коалиција и Љубе Бошкоски, Љубчо Георгиевски и Стојанче Ангелов.