Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов упати божиќна честитка по повод празникот Божиќ што утре го слават граѓаните на Македонија со католичка вероисповед.
– Драги верници и сите луѓе со добра волја!, Божик е средба со Бог. Ние овој Божиќ, во годината на верата, сакаме да го чуеме со вера, а тоа значи со срце. На Божик најголемата вредност е кога Бог е присутен во човекот. Затоа вам драги верници, но и на вас почитувани со добра волја Ви посакувам неизбежна средба со Исус Христос кој токму на овој Божик за вас има утешна порака и охрабрување: Не бој се јас сум со тебе, јас сум за тебе засекогаш да останеш човек и од внатре бидеш збогатен со вредностите на духот и со вечната порака твојот живот да ја следи мојата љубов и мојот благослов, се наведува во честитката на бискупот Стојанов.
Со тие мисли, истакнува бискупот, и јас со вас се среќавам и се обидувам да ја отворам вратата на Христос, кој како скромно дете доаѓа со пораката: Не дојдов да се плашите од мене, туку да ме сакате, да ме почитувате.
– Љубов, мир и милосрдие со сите вас кои го славите и кои ја почитувате желбата и овој Божик да станеме подобри луѓе и подобри христијани. Мир со вас – Честит празник Рождество Христово! Христос се роди!, се вели во божиќната честитка на бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов.