Николај Младенов, специјалниот координатор на Обединетите нации за мировниот процес на Блискиот Исток, изјави дека тензиите и насилството во комплексот Ал Акса и околината може да се претвори во верски конфликт.
Во своето обраќање пред Советот за безбедност на ОН, каде што се разговараше за најновите случувања на Блискиот Исток, тој предупреди дека тензиите во и во близина на Ал-Акса може да се зголемат уште повеќе.
„Тензиите што се јавуваат во светилиштето последните 11 дена не се однесуваат само на израелско-палестинското прашање, туку може да се претворат во верски конфликт кој целиот регион може да го вовлече во вртлогот на насилство”, рече Младенов. Тој ја оцени позитивно израелската одлука за отстранување на детекторите за метал од влезот на Ал-Акса, апелирајќи до сите страни да се дистанцираат од нови провокации.