Претставници на Националниот ромски центар „Куманово“ и на невладината организација „Авена“ од Кочани ги претставија резултатите од спроведениот проект „Подобрување на учеството на помалите заедници на локално ниво“.
Проектот беше финансиран од Делегацијата на Европската унија во Македонија и ИНСОК, а активностите беа насочени кон општините Куманово, Тетово, Битола, Прилеп и Кочани со цел да се воспостават механизми за зголемено учество на помалите заедници во локални рамки.
– Во делот којшто се однесува на Општина Кочани, остварени се предвидените резултати од аспект на унапредување на соработката помеѓу претставниците на заедниците во Општината со претставниците на локалната и националната власт. Резултатите покажуваат дека во општина Кочани помалите заедници се соочуваат со проблеми во делот на образованието, вработувањето и решавањето на комуналната инфраструктура, изјави Михаил Готовски од Националниот ромски центар „Куманово“.
Според предложениот стратешки документ, кој е произлезен од проектот, во иднина ќе се работи на унапредување на секторите образование, вработување и култура кои се очекува да придонесат за подобрување на статусот на помалите заедници во општина Кочани.