Кралот на Саудиска Арабија, а воедно и претседател на Министерскиот совет на Монархијата, Салман формираше нов орган за државна безбедност, којшто ќе биде под негова директна надлежност.
Неколку оддели од Министерството за внатрешни работи, како што се Службата за разузнавање, Единиците за борба против тероризам и за пресекување на финансирањето тероризам, влегуваат во новата структура. Раководството на новиот орган му е доверено на шефот на Разузнавањето, генерал Абдул Азиз бин Мохамед ал Хуејрини.
Освен тоа, кралот Салман го отпушти досегашниот раководител на Кралската гарда, генералот Хамад ал Аухали и на негово место го назначи генерал Сухејл ал Мутири.
Промените се случуваат еден месец по одлуката на саудискиот крал да го назначи својот син Мохамед за нов престолонаследник, откако претходникот, неговиот братучед Мохамед бин Најеф беше отстранет од сите државни функции.