Груевски: Нашите кандидати за градоначалници, за разлика од оние на СДСМ имаат програма и резултати

Од:

Кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ покажаа резултати и имаат свои програми, за разлика од оние на СДСМ. Концептот на двете политички партии е различен, изјави денеска премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

– Излеговме со 10 кандидати. Половина од овие луѓе се веќе познати и луѓе коишто досега биле на функција и коишто докажале дека навистина со дела и со конкретни работи и остварени ветувања дека заслужуваат да добијат уште еден мандат. Имале шанса од граѓаните и коректно ја искористиле и им се дава шанса да продолжат да работат на начин на којшто досега работеле. Втората група се други пет коишто досега имале одличен бекграунд во нивното професионално работење и за коишто цврсто веруваме дека ќе направат прогрес во општините во коишто се кандидирани и дека навистина ќе ги придвижат напред, ќе направат напредок и ќе спроведат дела, изјави премиерот по поставувањето камен темелник на нова Технолошко-индустриска развојна зона „Гевгелија“, локалитет Прдејци.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со подготовките за локалните избори, Груевски рече дека има разлика помеѓу кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.

– Не знам дали забележавте дека сите наши предлози за градоначалници излегоа со конкретна програма веќе подготвена што само ќе се надополни со партиските програми што ние ги спремавме заедно со граѓаните собирајќи идеи од нив. Тие зборуваат за конкретни дела и проекти. Од другата страна имаме кандидати коишто не зборуваат ниту за програма, ниту за дела. Едниот се расплака, друг раскажува за друг дека добро играл кошарка и дека излегувал по кафулиња и одел во театар…. Имаме една сериозна разлика помеѓу презентацијата и размислувањата за кандидатите. Од една страна излегуваат сериозни луѓе со конкретно обмислени програми, а од друга страна излегуваат луѓе коишто потплачуваат и кажуваат дека се шетале низ театри и низ улици, низ кафулиња и дека играле кошарка… па во Скопје има 300 илјади возрасни луѓе коишто го прават тоа, така што не секој се кандидира за градоначалник и не е секој способен за таа функција, рече Груевски.

Тоа, според него, е една сериозна разлика за тоа кој како ја доживува градоначалничката функција. Ние, додаде тој, ќе продолжиме на тој начин на работење на нашите луѓе кандидати за градоначалници. – Тие мора да покажат конкретна програма да се обврзат пред граѓаните, да се обврзат и со рокови, ние тоа да го одобриме како конечна програма за да сме сигурни дека нема да не обрукаат утре. По четири години треба повторно да се појавиме пред граѓаните, рече Груевски кој денеска постави камен-темелник на ТИРЗ во Прдејци, во близина на Гевгелија.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН на прва средба за формирање на владата

Катерина Ѓуровски

Првата средба за договор за Влада, работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и на ВЛЕН ќе ја имаат утре

Катерина Ѓуровски

Течат роковите за приговори за изборите и инаугурација на новата претседателка

Димитриевски: Потврдивме минимум пратеничка група, ќе бидеме со граѓаните и ќе работиме за нив

Орце Костов

Број на пратеници: ВМРО-ДПМНЕ 59, ДУИ 19, СДСМ 18, ВЛЕН 13, Левица 6 и ЗНАМ 5

Орце Костов

Силјановска-Давкова: Има ли поголема промена од тоа што жена првпат ќе биде претседател

Орце Костов