Околу една милијарда и триста илјади евра треба да се инвестираат во наредните 25 години во секторот води. Овие средства во најголема мера се потребни за изградба на инфраструктура за собирање и пречистување на урбаните отпадни води, но и за подобрување на водоснабдувањето.
Ова денеска го истакна министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки на отворањето на работилницата „Презентација на идните политики и идентификувни инвестиции за управување во секторот води, потребни за усогласување со директивите на ЕУ“. Работилницата е во рамки на проектот „Развој на национална студија за води“ финансиран од ЕУ.
– Спроведуваме значајна реформа која има за цел да ги зајакне главните чинители во управувањето со водите, пред се јавните комунални претпријатија на општините. Со реформите сакаме да воспоставиме систем кој ќе овозможи одржливо самофинансирање и подигнување на квалитетот на водните услуги што ги даваат овие претпријатија, рече Дураки.
Тој нагласи дека ресорното министерство пристапило кон детална проценка на сите инвестиции што се потребни за да ги постигнеме стандардите утврдени во европското и националното законодавство за управување со водите.
– Затоа ни е потребно добро планирање и зајакнување на капацитетите на сите чинители кои на крај ќе треба не само да ги примат, туку и да управуваат со целата инфраструктура што ќе треба да ја градиме во иднина. Повеќе од 90 отсто од потребната инфраструктура ќе биде дадена на управување на јавните комунални претпријатија, поради што мораме во иднина да ги поддржуваме во нивниот развој, рече Дураки.
Јадранка Иванова, раководител на Сектор за ЕУ во Министерството за животна средина и просторно планирање појасни дека проектот „Развој на национална студија за води“ опфаќа подготовка на неколку документи кои се насочени во оценување на сите потребни услови за да може да ги постигнеме стандардите на ЕУ и нашите стандарди во секторот води.
Таа посочи дека е направена проценка на потребните инвестиции за водоснабдување на населението и за собирање, одведување и третман на урбаните отпади води. Во сите градови во Република Македонија, како што рече, се направи проценка на водоводната и канализациската мрежа и направивме проценка на трошоците што се потребни за изградба на пречистителни станици, односно трошоци за прочистување на урбаната отпадна вода.
– Сегашните проценки се дека ни е потребно околу милијарда и 300 илјади евра за да можеме да ги исполниме тие стандарди и како временска рамка некаде би се движеле до 2040 година, што е во согласност со искуствата и временската рамка од новите земји членки на ЕУ. Како членка на ЕУ ние би добиле и речиси трипати поголема помош од ЕУ од онаа што во моментов ја добиваме. Главниот товар, главната помош во таа инвестиција ќе доаѓа од ЕУ, рече Иванова.
Таа информира дека во рамки на проектот требало да се утврди политиката во однос на милта, што се случува со милта која како нус производ останува од самите пречистителни станици. – Во Македонија ќе имаме изградено барем 100 станици за пречистување на отпадни води, рече Иванова.
Според тим лидерот на проектот Џејмс Хант успехот на процесот на реформи во секторот на води и планот за инвестиции зависи од волјата и подготвеноста на Владата, од донаторите и од единиците на локалната самоуправа кои, како што рече, треба да утврдат правична цена за водата. Од огромно значење, како што рече, е подготвеноста на јавните комунални претпријатија, кои треба да продолжат со модернизирање и развој, а граѓаните да ја препознаат важноста на водите, да платат правична цена и да не ја трошат залудно.
На работилницата присуствуваа претставници од општините и од јавните комунални претпријатија.