Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров кој престојува во работна посета на Ватикан, денеска се сретна со својот домаќин, секретарот за односи со државите монсињор Пол Ричард Галагер.
Како што соопшти македонското МНР, во фокусот на разговорите биле перспективата на билатералните односи кои повеќе од две децении се одраз на пријателство, меѓусебна почит и нераскинливи историски врски преку важни личности и настани.
Во таа насока, е констатирана проактивната улога на Република Македонија во промовирањето на меѓурелигискиот дијалог и почитувањето на верските слободи и нејзиното искуство во негување на разноликост и соживот.
Димитров го запознал соговорникот за приоритетите и целите на новата Влада, актуелниот општествен контекст, амбициите во однос на европските и евро-атлантските интеграции, како и во однос на развивање на изразени пријателски врски со соседите.
На средбата биле разгледани и можностите за интензивирање на секторската соработка меѓу двете земји преку низа предлози и иницијативи кои би можеле да внесат засилена динамика во меѓусебните релации, пред сè, во сферата на културата, размена на искуства во заштитата на културно-историското наследство, образованието и здравството.