Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки денеска оствари работна средба со Анка Јоана Јонеску, претставникот на Европската Банка за развој за Македонија (ЕБОР) и Билјана Милошеска, помошник директор во ЕБОР.
Како што информираат од Министерството, на средбата покрај запознавање со моменталните и планираните активности на Владата во заштитата на животната средина биле разгледани и можните области за воспоставување на соработка.
– Посебен интерес двете институции покажаа за областа управување со отпад каде Министерството за животна средина и просторно планирање има изработено проектна документација за изградба на регионални депонии за комунален отпад, со претоварни станици и проектна документација за затворање на нестандардните депонии за четири региони: Скопски, Вардарски, Пелагонија и Југозападен, а се бараат можности за затварање на финансиската конструкција за изградбата на оваа инфраструктура како и затворањето на нестандардните депонии, соопштија од Министерството.
На средбата биле разгледани и можностите за обезбедување финансиска подршка за реализација на проекти во областа на заштита на водите.