Тетовска Шкендија утре ја очекува првиот меч против Хелсинки во рамките од второто квалификациско коло за Лига Европа.
Во редовите на македонскиот вице-првак се свесни дека за разлика од првата рунда во која на двапати ја декласираа екипата на Дачија, овојпат дуелот против финскиот тим Хелсинки ќе биде далеку потежок.
Тренерот Ќатип Османи, на денешната прес-конференција напомена дека Хелсинки е далеку поквалитетна екипа во однос на Дачија, па затоа и пристапот за овој меч ќе биде далеку посериозен.
– Стартниот состав нема да претрпи големи измени. Имавме доволен простор за анализа на нашиот следен противник. Хелсинки е далеку поквалитетна екипа и мора посериозно да пристапиме во овој натпревар. Тоа го знаат и моите играчи. Ако сакаме понатамошен пласман, мораме во двата натпревари да ги одиграме на ниво. Нашата желба е да продолжиме понатаму, рече Османи.
Капитенот на тетовскиот тим, Ферхан Хасани истакна дека се свесни за квалитетот на противникот и доколку сакаат позитивен резултат ќе мораат да го дадат максимумот.
– Сите знаеме дека ќе биде еден тежок натпревар за нас. Ако ја повториме играта од првото коло, сигурно дека ќе имаме позитивен резултат. Но, за тоа ќе треба сите да го дадеме максимумот, посочи Хасани.
Натпреварот Шкендија – Хелсинки ќе се игра утре на стадионот „Младост“ во Струмица со почеток од 18 часот.