Новогодишна забава за деца со аутизам, како завршница на проектот за помагање и социјализирање на овие деца, ќе се одржи денеска во игротека во Скопје.
Проектот го спроведува Ротари клубот Скопје – „Кирил и Методиј“ во соработка и координација со Македонското научно здружение за аутизам.
Во игротеката се поканети и родителите на децата со аутизам, при што програмата предвидува да се анимираат и нивните братчиња и сестрички. На сите децата ќе им бидат поделени новогодишни пакетчиња.
Завршницата на овој дел од проектот опфаќа повеќе фази: цртежите од ликовна колонија за децата со аутизам се ликовно-технички преточени во пригодни новогодишни честитки кои се нудат на фирми и на поединци и сите собрани средства ќе бидат наменети за децата со аутизам.