Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски учествува на ЕУ – Форумот за млади за земјите од Западен Балкан, што се одржува денеска и утре во Трст, Италија, на кој се разговара за мобилноста на младите луѓе, нивната вклученост во општествено – политичките процеси, претприемништвото за млади и потребата од инклузивни политики.
Каевски, како што информираат од АМС, со генералниот секретар на Регионалната канцеларија за соработка на млади (РИКО) Ѓуро Блануша, разговарале за постапката и процесите кои се случуваа во Македонија поврзани со РИКО, како и за важноста на оваа Канцеларија за млади, која од септември ќе започне со своите проекти кои гарантираат финансиска поддршка на младите и нивните идеи.
Во рамки на форумот, Каевски се сретнал и со свои колеги кои раководат со министерства или агенции за млади, во регионот со кои размениле искуства поврзани со политиките за млади. Заклучокот, како што се наведува, е дека еден од главните проблеми е младинската невработеност и дека младите треба да имаат шанса за работа по завршување на своето формално образование.