Груевски: 21 Декември го одбележуваме заеднички, како симбол на турската заедница

Од:

Од 2007 година, со воведувањето на повеќе нови празници на заедниците во Македонија, меѓу кои и 21 Декември, како датум со кој се идентификува турската заедница во нашата земја, па до денес, овој ден го одбележуваме заеднички, како симбол на турската заедница, но и симбол за заемното уважување, почит и разбирање.

Ова вечерва го истакна премиерот Никола Груевски во своето обраќање на централната манифестација по повод националниот празник на Турците во Република Македонија, 21 Декември – Денот на наставата на турски јазик.

Според него, одбележувањето на ваквите празници во современите мултиетнички општества е исклучително важно и значајно. Преку нив, како што рече, ја негуваме толеранцијата, го валоризираме меѓусебното почитување, учиме еден за друг и живееме еден со друг.

– Владата на Република Македонија со голема посветеност и енергија во изминатите години работеше во насока на остварување на сите заложби за создавање на развиена држава во која ќе се обезбедат услови за негување на интересите, потребите и културните особености на сите етнички заедници кои живеат во нашата држава. Соработката и почитувањето не почнува, ниту пак запира на големите празници. Таквиот однос трае постојано и на сите полиња од наш заеднички интерес и токму тука е најголемата придобивка, потенцира Груевски.

Тој потсети дека денеска во Истанбул македонскиот и турскиот министер за култура го потпишаа договорот со кој Република Македонија го отстапува Куршумли Ан на Република Турција, а за возврат Турција отстапува друг објект заштитен споменик на културата на главен плоштад на Истанбул. Со тоа, како што рече, двете земји добиваат нови простории за нови културни центри.

Покрај овој договор за културни центри во Македонија и Турција, потсети Груевски, пред извесно време потпишавме и договор за меѓувладина соработка во областа на културата.

– Проектот за изградба на куќата на родителите на Кемал Ататурк во селото Коџаџик е во финална фаза. Куќата е веќе изградена и во следните неколку месеци само внатрешно и ентериерно ќе се уредува. Од другите поголеми проекти во културата кои се од значење за турската заедница во Македонија, во рамки на проектот „130 тома македонска книжевност“ беа преведени 100 автори од турска националност, а во делот на книжевноста изминатиот месец се промовираше и новата Антологија на турска поезија во Македонија, информира Груевски.

Освен во областа култура, посочи тој, македонско-турските односи се развиваат и во другите полиња, од кои меѓу најекспонираните е и образованието. Покрај бројни проекти за одвивањето на настава на турски јазик во повеќе основни и средни училишта низ државата, како и изучување на јазикот на турската заедница во високото образование, од оваа година на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се отвори и нова студентска програма за изучување на старотурски јазик. Додаде дека универзитетите од двете земји имаат одлична соработка. Во моментов во Македонија има приближно 1.000 студенти од Турција и голем број македонски државјани студираат на некои од турските универзитети.

На полето на меѓудржавна соработка во областа на образованието, потсети Груевски, изминатиот период потпишавме Протокол за соработка меѓу македонската и турската Влада во областа на образованието, а наскоро ќе потпишеме и договор за нострификација на дипломите од двете земји.

– Покрај овие сегменти, бележиме унапредување и во односите во економијата, инвестициите, здравството и во многу други полиња од значење на нашите граѓани и на нашите две земји, што севкупно говори за продлабочување и унапредување на македонско-турските односи. Владата на Република Македонија и во иднина ќе работи на унапредување на ваквите меѓудржавни односи, како и на зачувување и негување на карактеристиките и идентитетските посебности, како на турската заедница, така и на сите останати заедници во Република Македонија, рече Груевски.

На манифестацијата што се одржа во Универазална сала присуствуваа претседателот Иванов, министрите за надворешни работи на Македонија и на Турција Никола Попоски и Ахмет Давутоглу, претставници од МАТУСИТЕБ, од Турската интернационална агенција за соработка и развој.

Би можело да ве интересира

Ердоган: Турција ги прекина односите со Израел

ДУИ: Премиерот не е обвинител, ниту има право да ја злоупотребува својата позиција за политичка борба

Горан Наумовски

Ердоган: Нема објаснување зошто процесот на пристапување на Турција во ЕУ е блокиран со години

Ердоган: САД ги користат терористичките организации на Блискиот Исток за свои интереси

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Турција ги нападна Курдите во Ирак и Сирија во знак на одмазда за терористичкиот напад кај Анкара

Горан Наумовски

Русинка го оставила своето новороденче на аеродромот во Турција: „Не знаев дека сум бремена“