Женскиот младински хор при Младинскиот културен центар под диригентство на Сашо Татарчевски освои неколку награди на меѓународниот младински фестивал и натпревар во Братислава, кој се одржа од 6-ти до 9 јули. Хорот освои две први награди во две категории, специјална награда за најдобар диригент и Гран-при со највисок број освоени поени на целиот натпревар.
На натпреварот учествуваа ансамбли од четири континенти, претставувајќи ги своите културни специфики и музичка подготвеност пред публиката во Братислава и пред жирито составено од шест диригенти, композитори и солисти.
Освен на натпреварот, нашиот хор настапи и на концерти кои се одржаа во катедралата „Св. Мартин“ и во музичката сала „Клариски“, а на покана на организаторот, диригентот Татарчевски одржа и мастерклас за дел од хоровите кои учествуваа на фестивалот во палатата „Примациал“.
Женскиот младински хор во кој членуваат пејачи аматери е основан во 1972. Има обемен и разновиден репертоар, со посебно внимание кон македонското хорско творештво. Во изминатите 45 години хорот освоил голем број награди и признанија на домашни и на меѓународни натпревари и фестивали. Само во последните две години, хорот освои златна диплома и две специјални награди на натпреварот „Ливиу Борлан“ во Баја Маре, Романија (2015), како и две први места и три специјални награди на фестивалот и натпревар за хорска духовна музика „Vratislavia sacra“ во Вроцлав, Полска (2016).
Диригентот Сашо Татарчевски, кој настапувал со голем број ансамбли, работи како професор на Факултетот за музички уметности по група предмети од областа на диригирањето. Диригент е и на Мешаниот хор „Драган Шуплевски“ и на камерниот професионален хор „Про Арс“.