Овој месец во пет основни училишта во општина Аеродром, Агенцијата за млади и спорт го спроведе проектот „Пороците кај младата популација“, како што се алкохолот и дрогата.
Првата фаза од проектот ги опфати основните училишта „Блаже Конески“, „Љубен Лапе“, „Ѓорѓија Пулевски“, „Браќа Миладиновци“ и „Гоце Делчев“ со ученици од шесто, седмо и осмо одделение, кои учествуваа во едукативните работилници.
Агенцијата за млади и спорт овој проект го спроведе во соработка со Клиниката за токсикологија и со експерти по едукација на млади за превенција од употреба на дроги и алкохол.
– Целта на проектот е подигнување на свеста кај учениците за заштита и превенција од пороците, едукација и информирање на младите за негативните појави и последици од пороците. Проектот има за цел подигнување на степенот на знаења, развивање способности кај младите за правилно да ги препознаат вистинските знаци и симптоми на негативните појави, како што се дрогата и алкохолот, како и запознавање на младите со корисните и здравите навики и стилови на живеење, информира општина Аеродром.
Во второто полугодие од училишната година, едукативни работилници со совети за здрави навики и стилови на живеење ќе се одржат и во основните училишта „Лазо Ангеловски“ и „Димитар Македонски“.