По комплетирањето на првото квалификациско коло од Лига Европа познати се противниците на македонските екипи за второто коло од квалификациите кое ќе се игра на 13 и 20.јули. Работнички за противник ќе ја има екипата на Динамо Минск од Белорусија, тим кој пред неколку сезони во ова натпреварување беше подобар од Ренова со вкупен резултат 3:2. Инаку, Динамо Минск ја елиминираше екипата на Рунавик од Фарски острови со две победи 2:0 (гости) и 2:1 (дома).
Тетовска Шкендија по двата триумфа над Дачија (7:0 вкупен резултат) за ривал ќе ја има екипата на Хелсинки од Финска, која во реваншот синоќа го победи Конас од Велс со 3:0 и ја анулираше негативата од првиот дуел (0:1).
Според извлекувањето на двојките, македонските екипи првите натпревари треба да ги играат на домашен терен.