Осмообвинетиот во случајот „Ровер“ Зоран Трајковски ги отфрли наводите на обвинителството и рече дека никогаш не договарал ниту пак го планирал убиството на Марјан Тушевски. Тој кажа дека не учествувал во никакво следење, туку бил шеф на обезбедувањето на тогашниот министер Љубе Бошкоски.
„Не сум распоредувал инспектори на местото каде што се случи убиството, рече Трајковски кој појасни дека тој станал началник на секторот за оперативни изведувања, во октомври 2001 година, осум месеци по убиството на Тушевски.
Сепак, Трајковски во својата одбрана повикувајќи се на изјави од инспектори, рече дека во исто време кога се случило убиството, инспекторите од Секторот на оперативни изведувања го следеле Тушевски.
Два дена пред убиството Бошкоски му кажал на Трајковски дека на Секторот за оперативни изведувања му е дадена наредба за следење на Тушевски и Јанев поради земање на рекет. Било договорено Тушевски и Јанев да бидат уапсени од страна на специјална единица „Матка“, ако бидат затекнати како земаат рекет.
Раководителот на смена Милан Спасов им наредил на инспекторите да почнат следење на Тушевски по претходна усна наредба на Нигриевски. Според него, колегите од Секторот за оперативни изведувања не можеле да го спречат убиството, бидејќи нивна работа била тајно набљудување и документирање, не биле вооружени и не носеле заштитни елеци.
Против Трајковски сведочел Александар Василевски – Нинџа кој пред извесно време беше уапсен поради напад врз клучниот сведок од судскиот случај „Детонатор”, Драган Стоименов – Дацо.
Трајковски откри дека Тушевски често патувал во Грција со лице порано вработено во единицата „Волци”, а сега телохранител на премиерот Никола Груевски, брат на сведокот позната како Нинџа.