Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и координација на економските ресори Кочо Анѓушев, министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку, денеска се сретна со над 200 претприемачи, бизнисмени и стопанственици од бизнис секторот на работна средба во организација на Стопанските Комори на Република Македонија.
Премиерот Заев ги слушна барањата и предлозите на стопанствениците и ја изрази цврстата определеност на Владата да ја интензивира соработката со бизнис заедницата како и одлучноста низ взаемна консултација да се носат одлуките во креирањето и спроведувањето на економските политики.
,,Владата ќе биде успешна ако соработува со бизнис заедницата. Бизнис заедницата има свој претставник во Владата преку заменикот претседател задолжен за економски прашања и наша цврста определба е да обезбедиме инклузивен процес и бизнис заедницата преку свој репрезент да учествува во секојдневното работење на Владата, одлучувањето и транспаретноста. Постои огромна мотивација и добра соработка помеѓу економските ресори во Владата, желбата да бидеме сервис за бизнисот и граѓаните е голема и очекуваме резултати од ваквата успешна соработка“ истакна премиерот Заев.
Премиерот Заев, пред претставниците на бизнис секторот, ги презентираше економските политики на Владата со кои силно ќе се поддржат домашните фирми и ќе се обезбедат услови за нивен раст и развој. Владата исто така, посветено ќе работи на поврзување на домашните фирми со странските инвеститори и за таа цел ќе овозможи поддршка за странските и домашните инвеститори кои во процесот на производство ќе употребуваат домашни производи. Како што најави премиерот Заев со новиот ребаланс на буџетот ќе се кратат непродуктивните трошоци и тие пари ќе се алоцираат за поддршка на стопанството.
Свое обраќање пред стопанствениците имаше и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација на економските ресори Кочо Анѓушев, кој потенцираше дека Владата ќе биде партнер на стопанството и дека со државна помош и поддршка ќе се поттикнуваат домашните фирми да бидат извозно ориентирани.
Претставниците на бизнис секторот ги пренесоа своите видувања и дадоа конструктивни предлози и идеи во функција на подобрување на условите за водење бизнис и за зголемување на соработката помеѓу државата и бизнис секторот. Заклучено беше дека ваквата суштинска соработка помеѓу Владата и бизнис секторот ќе продолжи и во иднина.