„Важноста од воспоставување на трајна соработка помеѓу АМС и НМСМ, како и зголемување на транспарентноста и отвореноста на Агенцијата, е главниот заклучок од денешната средба помеѓу НМСМ и АМС.
Во просториите на Агенција за млади и спорт, 14 претставници на НМСМ, од Управен одбор, Секретарјат и организации членки на НМСМ остварија средба со новиот директор на Агенцијата, Дарко Каевски, на која се дискутираа приоритетните младински прашања и актуелни процеси поврзани со младите.
Како прва точка на состанокот се дискутираше процесот за избор на младински претставник во Управниот одбор на Регионалната канцеларија за младинска соработка. Господинот Каевски напомена дека е отпочнат процес за ревизија на целокупната документација поврзана со процесот за избор на младински претставник, кој го спроведе Агенцијата за млади и спорт изминатата година и ги покани присутните активно да се вклучат во процесот за да се се испитаат сомнежите кои ги нотираа членовите на работната група за време на ланскиот процес за избор на младински претставник.
Вклучување на НМСМ во креирањето на младински политики и работењето на Агенцијата за млади и спорт беше уште една точка на разговор. Па така, се истакна значењето на националниот младински совет на Македонија за секторот млади во склоп на Агенцијата и можноста НМСМ активно и директно да биде вклучен во неговата работа. Дополнително, претставниците на НМСМ присутни на средбата, ја нагласија и важноста од ревизија на Националната стратегија за млади, како единствен документ кој директно ги опфаќа младинските прашања и приоритети, согласно забелешките на младинските организации, наведени при нејзиното изготвување и усвојување, како и креирање на јасен акциски план, буџет и индикатори за мерење на нејзиното остварување.
Признавањето на НМСМ како претставничко тело на младите од Македонија исто така беше прашање кое претставниците на НМСМ го потенцираа како важно за дискусија. Директорот на АМС наведе дека во НМСМ гледа како на партнер во креирањето на младинските политики во земјава и дека во периодот кој следува ќе се работи на зајакнување на соработката и градење механизми во таа насока, согласно препораките дадени во неколку наврати од Европскиот парламент. Во оваа насока, беа договорени редовни месечни средби помеѓу АМС и НМСМ каде ќе се дискутира за заеднички проекти и процеси со кои ќе се одговори на младинските предизвици во земјава.
По големиот број обиди на НМСМ за остварување соработка со АМС во изминатите години, денешната средба е само прв чекор кон градење на силно партнерство помеѓу Националниот младински совет на Македонија, како најголемо претставничко тело на младите и Агенцијата за млади и спорт, како најрелевантна институција за младинските прашања. Соработката помеѓу овие две тела и заедничките напори за надминување на предизвиците со кои се соочуваат младите од Македонија се круцијални за целокупниот развој на општеството, а особено за подобрување на положбата на младите“ се вели во соопштението на Националниот младински совет на Македонија