Врховниот суд на Република Македонија денеска повторно ја одложи јавната седница по предметот оформен по жалба на пресуда донесена од Апелацискиот суд Скопје, во врска со убиството кај Смилковско Езеро односно случајот „Монструм“. Седницата е презакажана за 12 септември.
Врховниот суд на Република Македонија соопшти дека јавната седница по овој предмет во врска со убиствата кај Смилковско Езеро, се одложила по барање на бранителот адвокат Асмир Алиспаиќ, во кое навел дека ќе биде отсутен од Република Македонија во периодот од 28 јуни 2017 до 10 јули и за доказ приложил резервација на авионски лет.
Од Судот информираат дека јавната седница по предметот е закажана за 12 септември 2017 година, во 11 часот, во Големата сала во Врховниот суд на Република Македонија.
На 12 април 2012 година, на Велики четврток, кај Смилковското Езеро, беа убиени четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од скопската населба Радишани – Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и 45-годишниот Борче Стевковски од селото Црешево.
За петкратното убиство во случајот „Мострум“ доживотна казна затвор им е изречена на Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Единствено петтообвинетиот, Сејди Рами, доби ослободителна пресуда, поради „немање цврсти докази за утврдување вина“.
Се уште се чека на екстрадиција од Косово на првообвинетите Африм Демири и Агим Исмаиловиќ, кои беа осудени во отсуство.