Главниот извршен директор на Македонски телеком Андреас Елснер денеска изјави дека имале состаноци со Специјалното јавно обвинителство и оти прават се што е во нивна можност за зголемување на соработката.
– Можам да ве уверам дека како компанија на Дојче телеком која што ги спроведува политиките на Дојче телеком и Маѓар телеком и законите во земјата правиме се да соработуваме со властите во земјата. Имавме состаноци со Јавното обвинителство односно со СЈО и правиме се што можеме за да ја зголемиме соработката затоа што нашиот интерес е чисто деловен. Почнавме оваа година и ќе продолжиме да соработуваме во истата насока, изјави Елснер одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција на компанијата.
Македонски телеком како што објави Елснер ја надгради 4Г мрежата со нова технологија и измери најголема брзина на мобилната мрежа во Македонија од над 300 MBP/S.
– Ова е резултат на надградбата на 4Г мрежата со нова технологија, но е само еден чекор напред кон нашата цел. Во наредните три години со инвестиции од над 60 милиони евра планираме да ја градиме мрежата на иднината – Giganet која не само што ќе овозможи огромни брзини на интернет, туку и целосно ќе го смени начинот на кој комуницираме, рече Елснер.
Како што најави, МТ почна да ја имплементира новата технологија и се очекува корисниците од скопската општина Центар есенва да бидат први во регионот што ќе користат вакви брзини. Од наредната година оваа технологија, според најавите, ќе биде достапна и во другите поголеми градови низ Македонија.