Третата годишна изложба на модни креации во организација на Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ од Скопје вечер ќе биде отворена во изложбениот простор на Даут-пашиниот амам.
На изложбата, која оваа година ќе се одржи под насловот „À la Mode“, ќе бидат претставени триесетина модни креации, дизајнирани и изработени од студентите по моделизам и стилизам од оваа школа, a под менторство на Изет Цури од Париз и на предавачите од Италија, Швајцарија и Македонија. Ќе бидат претставени и креациите изработени во рамки на проектот „Будење на скопските бисери“, поддржан од Министерството за култура.
Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ од почетокот на своето постоење се фокусира на градење професионални кадри кои ќе бидат оспособени да работат во модната индустрија по стандардите на високата мода, притоа подигнувајќи ги самите стандарди во модата во Македонија и регионот. Благодарение на остварените врски со модните куќи од странство, избрани студенти на оваа модна школа од Скопје имаат можност дел од своето студирање да го поминат во странство, како стажанти во модна куќа. Токму поради тоа, годинашнава изложба ќе биде посетена и од претставници од неколку модни куќи од Франција и Италија.
Изложбата е организирана во соработка со Министерството за култура, Амбасадата на Франција во Македонија, Францускиот институт во Скопје, општина Чаир и Националната галерија на Македонија.