Фудбалскиот клуб Академија Пандев денеска на прес-конференција ги најави своите амбиции за настапот во новата сезона кога за првпат ќе се натпреварува во Првата македонска лига. Исто така беа промовирани новиот амблем на клубот и опремата која ќе ја користат фудбалерите во текот на сезоната 2016/17.
Сопственикот на клубот Горан Пандев очекува успешно деби во ПМФЛ.
– Наша цел е да останеме во прволигашкото друштво, а тоа да го направиме преку давање шанса на младите. Впрочем и при формирањето на Академија Пандев промовирањето на млади и талентирани фудбалери беше наша основна цел, рече Пандев.
Најдобриот македонски фудбалер додаде дека ќе продолжи и со инвестиции во спортската инфраструктура во насока на обезбедување што подобри услови за најмладите кои сакаат да се занимаваат со овој спорт.
За неколку месеци Академија Пандев ќе добие и свој тренинг центар со стадион на кој ќе ги игра своите натпревари како домаќин. Дотогаш екипата своите ривали ќе ги пречекува на стадионите во Струмица или во Турново.